Фото: DanaTentis, Pixabay

Поминаа повеќе од 5 месеци од трагичната автобуска несреќа во Бугарија при што животот го загубија 45 лица. Бугарското обвинителство ја заврши истрагата за причините за несреќата, но Обвинителството во Северна Македонија сѐ уште продолжува со контрола на севкупната работа на компанијата организатор „Беса транс – Скопје“, како и на надлежните институции за контрола на компанијата, пишува Порталб.мк.

Никој сѐ уште не е кривично гонет, и покрај тоа што автобусот кој доживеа несреќа во Бугарија само во 2021 година 113 пати ја поминал границата на Северна Македонија без лиценца за превоз. Од Обвинителството велат дека се работи на утврдување на фактите и доколку се констатира прекршок ќе има одговорност, без разлика дали е кривична или прекршочна.

„Основното јавно обвинителство Скопје оформи посебен предмет со цел да изврши проверка на целокупното работење на фирмата – организатор на патувањето, како и постапувањето на институциите надлежни да ја контролираат работата на таа фирма. Тие проверки се во тек. Обезбедена е обемна материјална документација и сослушани се повеќе лица со цел да се утврдат фактите. Доколку се утврди дека во овој дел е сторено кривично дело, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности и ќе преземе кривичен прогон. Ако пак, се утврди дека има основ за прекршочна одговорност или друг вид прекршување на законите, постапувањето ќе го преземат други надлежни институции “, велат за Порталб.мк од Обвинителството.

На крајот на јануари, Царината ја заврши истрагата за „Беса транс“ и според наодите сите автобуси кои минале транзит за Истанбул биле без дозвола. Според Царина, на патувањето на трагичната несреќа автобусите не ја поминале границата давајќи мито. Како резултат на истрагата, двајца вработени се суспендирани од работа, а нивниот шеф е казнет со глоба.

Од друга страна, бугарското обвинителство ја заврши истрагата за причините за несреќата. Според шефот на истражната служба на бугарското обвинителство, Борислав Сарафов, причина за трагедијата е тоа што возачот изгубил контрола над автобусот кој не се движел со брзина над дозволената, туку со брзина несоодветна за патот.

„Тоа е човечка трагедија без преседан според бројот на жртви, но и без преседан според интензитетот на работата што ја завршивме. Впрочем, истрагата е завршена и останува само да се информираат властите во Македонија преку судот, имајќи предвид дека и семејствата на жртвите имаат право да бидат запознаени со материјалите од истрагата“, рече Серафов, заменик главен обвинител на Бугарија, во јануари.

Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, што се случи на 23 ноември 2021 година, животот го загубија 45 лица, од кои 12 деца, а седум беа повредени. Тие се враќале од туристичко патување од Истанбул.