Фото: Порталб.мк

Купиштата отпадоци што изгледаат како мала депонија се наоѓаат со денови пред старата пошта во Тетово. Жителите од оваа населба пред три дена се пожалија до редакцијата на Порталб.мк, а ние потврдивме дека отпадоците сè уште не се исчистени. Јавното комунално претпријатие (ЈКП) не реагира, пишува Порталб.мк.

На 31 мај, на официјалната е-пошта на нашата редакција пристигна фотографија на која се гледаат купишта ѓубре на влезот од една зграда пред старата пошта во Тетово, поточно на влезот на стариот комплекс „Саранда“.

Поради коректност, оставивме простор, вкупно три дена, за општинските власти да го исчистат местото. На 1 јуни вечерта, новинарот на Порталб.мк беше на лице место, при што потврди дека отпадоците, освен што не биле исчистени, нивната количина е зголемена. Истата е ситуацијата и денес, кога бевме последен пат во 14:35 часот, а количините на отпадоците и понатаму се зголемуваат.

Отпадоци пред старата пошта, сликано 02.06.2021 во 14:35 часот; Фото: Порталб.мк

Еден од жителите на зградата каде што се наоѓаат овие отпадоци, нагласи дека ова не е прв пат местово да изгледа како мала депонија, посочувајќи дека неколку пати побарале од општинските власти да го решат проблемот бидејќи во целата населба мириса лошо.

„Добро што дојде, фотографирај, но залудно е, не е прв пат како се соочуваме со ваква глетка пред нашата зграда, се шири екстремно лоша миризба и нè гуши секој ден, која допира до нашите станови, а мирисот може понекогаш да се почувствува и во собите. Имаме побаравме од општината да ги исчисти отпадоците, но залудно“, рече еден од жителите на зградата прикажана на фотографијата.

Од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) не одговараат

Надлежни за чистење на ова место се вработените во јавното комунално претпријатие, кои и управуваат со отпадот на територијата на општина Тетово. Од компанијата не ни одговорија кога планираат да го исчистат овој простор.

Инаку, ова не е единственото место во Тетово кое наликува на мала депонија, Порталб.мк во наредните денови ќе објави видео-материјал на кој се гледаат купишта ѓубре во скоро секој дел од тротоарите на градот, особено околу контејнерите.