Фото: Порталб

Последниот договор на Општина Тетово од 32 илјади евра за чистење на коритото на реката Пена, не е реализиран во целост на терен, бидејќи депонијата околу реката во ромското маало не е исчистена. Тоа го покажа истражувањето на Порталб.мк пред три месеци. Сега, Општина Тетово потпиша уште еден договор со иста финансиска вредност и овој пат ветува дека ќе се исчисти оваа депонија, пишува Поралб.мк.

Пред неколку дена Општина Тетово склучи договор со компанијата „Еуро Инвестинг“ со седиште во Тетово за чистење на речните корита во Тетово и околината, вклучувајќи ја реката Пена, реките во Голема и во Мала Речица и во Порој. Договорот е вреден 32.000 евра.

Од Општина Тетово овој пат ветија целосно расчистување на депонијата во ромското маало, која се наоѓа на 800 метри воздушна линија од Општина Тетово. Во населбата има десетици жители кои се изложени на ризик од разни болести.

„Да, работите ќе започнат откако ќе се создадат услови за работа. Динамиката што мора да се реализира со тој договор ја вклучува токму таа локација“, велат од Општина Тетово.

Во петокот ја посетивме оваа депонија која е во алармантна состојба. Новинарот на Порталб.мк беше очевидец дека отпадоци фрлаат жителите од околината, а исто така имало и некои жители кои од прозорците фрлале вреќи со ѓубре во реката и околу реката.

Општината на крајот на декември лани, плати 32 илјади евра за чистење на коритото на Пена. Иако од таму соопштија дека чистењето на реката во делот на Тетово е завршено, истражувањето на Порталб.мк и на жителите од населбата во соседството, го покажаа спротивното.

Сепак, иако ова место е постојано загадено од жителите од оваа населба, Општината и Еколошкиот инспекторат сè уште не излегоа со стратегија за овој проблем. И самите општински власти потврдуваат дека таму се гори отпад, што е спротивно на законите.

Пред неколку месеци Општина Тетово склучи договор од 2 милиона денари со компанија од село Порој, за чистење на коритото на Пена и на реките во Голема Речица и Мала Речица, како и реката во Порој.

Порталб.мк редовно информираше за оваа депонија, поради фактот што експерти  често изјавуваа дека ваквите депонии се вистински ризик за ширење на разни епидемии. Сепак, ниту една институција, било локална или централна, нема преземено мерки за решавање на овој проблем.

Порталб.мк со години пишуваше и за феноменот на неоткривање на лицата кои ги палат отпадоците во Тетово и создаваат депонии, како последнава. Бројот на лица кои имаат должност да ги пронајдат и да ги санкционираат овие лица изнесува  4, исклучително мала бројкта за град со околу 70.000 жители.

Дел од случаите за кои сторителите останаа неоткриени, како резултат на неспособноста на еколошкиот инспекторат, е палењето на депонијата во Тетово, на отпадоците во населбите „Блок 70” и „Дарданија” , палење на отпад во ромското маало, како и многу други што граѓаните постојано ги пријавуваат во „E-report”. Бидејќи бројот на веб-страницата на општината (0800-55-043) за пријавување на вакви случаи, е нефункционален.

Инаку, иако надлежните декларативно, постојано ги обвинуваат граѓаните за создавање вакви депонии, тие никогаш не презедоа казнени или превентивни мерки за ваквите случаи да не се повторуваат. За цела година Еколошкиот инспекторат во Тетово изрекол само 15 казни.