Инспекторат за животна средина на Општина Тетово. Фото: Порталб.мк

Во моментов една од ретките зелени површини во Тетово, која е во близина на Универзитетот во Тетово и Универзитетот на Југоисточна Европа, во „Студентската“ населба, е веќе полна со ѓубре и е на добар пат да се претвори во мала депонија, пишува Порталб.мк.

Новинар од медиумот го пријавил случајот на општинските власти пред една седмица, но Инспекторатот за животна средина и општинското јавно претпријатие сè уште не сториле ништо – паркот и понатаму е полн со отпадоци.

Порталб.мк со години пишува за феноменот на неоткривање на загадувачите на животната средина во Тетово, како и за крајно комплицираната постапка за нивно пријавување.

Со купишта несобрани отпадоци, зелената површина кај Универзитетот на Југоисточна Европа е претворена во депонија. Фото: Порталб.мк

Студенти од двата универзитета, како и граѓаните што живеат во станови во близина на овој зелен простор, се пожалиле на новинарот на Порталб.мк за лошата миризба што стигнува до нивните домови од големото количество отпад.

„Секогаш се обидуваме да поминеме од другата страна, од оваа страна смрди неподносливо. Тука секогаш има отпадоци, нивното количество се зголемува секојдневно, а не знаеме кој фрла“, вели Љуми од Косово, студент на Универзитетот во Тетово.

Пријавувањето преку телефон и во електронска форма – не функционира

Новинарот на Порталб.мк првично се обиде да го пријави случајот на наједноставниот начин посочен од Општина Тетово за пријавување проблеми поврзани со животната средина во овој град, преку електронскиот систем „E-report” и бројот 0800-55-043, сепак, никој не одговори така што оваа форма на пријавување, иако се наоѓа на насловната страница на веб-страницата на Општина Тетово – е нефункционална, пишува медиумот.

Веднаш потоа новинарот се упати кон објектот на Инспекторатот за животна средина во Тетово, а таму, една вработена рече дека е на погрешно место и дека ако сака да пријави загадувачи или купишта отпад, тоа мора да го стори во Архивата на Општина Тетово (кој е во друг објект).

Инспекторат за животна средина на Општина Тетово. Фото: Порталб.мк

„Подобро одете во Архива на Општина Тетово, земете образец и поднесете барање. Јас би Ви предложила така“, рече вработената во Инспекторатот за животна средина во Тетово.

А во архивата на Општина Тетово го зедовме образецот, којшто мора да се пополни – во отсуство на други современи средства за поплаки или барања кои се упатени до Еколошкиот инспекторат или Јавното претпријатие „Тетово“ кое е задолжено за отпадот во Тетово.

Образец за пријавување на загадувачи во Тетово. Фото: Порталб.мк

Помина една седмица откако поднесовме барање до Инспекторатот за животна средина во Тетово за увид, за да се утврди од каде потекнува овој отпад, среде парк во близина на два универзитета, а од ЈП „Тетово“ за чистење на истиот – но одговор сè уште нема.

Покрај нефункционирањето на електронскиот систем за пријавување загадувачи, истражувањето на Порталб.мк заклучува дека не се преземаат мерки за жалби или поплаки дури и доколку се физички пријавени во просториите на Општина Тетово и Инспекторатот за животна средина. Следствено, многу случаи на загадување на животната средина немаат епилог, пишува порталот.