Скопјани веќе неколку дена се будат со врнежи од дожд, а прогнозите се дека истите ќе продолжат и во наредните денови. За повеќето граѓани ова е обично и очекувано известување во текот на есента, но за жителите од населбата Серава, ова е причина за вознемиреност, пишува Порталб.мк.

Врнежите од дожд се страв и грижа за жителите на оваа населба, каде што сè уште не е решено прашањето на атмосферската канализација, многу пати ветено од Општина Чаир.

Речиси секогаш кога врне дожд, жителите се соочуваат со истите проблеми, патиштата се поплавени и како резултат на недостиг на атмосферска канализација, водата ги поплавува куќите на жителите, предизвикувајќи значителни штети.

„Дождовите се застрашувачки за нас како жители на населбата Серава, бидејќи патиштата се полни со многу вода, тие стануваат реки поради нерегулираната канализација. Ова претставува тешкотија за нас, бидејќи честопати се случува нашите куќи да бидат оштетени од вода, така што сме принудени водата да ја отстрануваме сами. Ова е штетно за нашето здравје и за децата“, рече еден жител на Серава.

Жителите на оваа населба, се чувствуваат запоставени и оставени во заборав и велат дека се уморни од неостварените ветувања.

„За жителите на населбата Серово, секој врнеж на дожд се претвора во вистински ужас. Подолг период имавме среќа, а единствено што ни преостанува е да се молиме дождовите да не бидат премногу долги затоа што навистина тоа ни предизвикува големи штети во домовите. Уморни сме од ветувањата на општинските власти дека ќе најдат решение за проблемот со канализацијата, како и да е, деновите минуваат, а решение не е најдено“, рече друг жител.

Порталб.мк побара одговор и од Општина Чаир за статусот на проектот за изградба на канализација, но досега нема повратен одговор.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, на почетокот на својот мандат вети дека ќе реализира многу проекти во оваа општина и, меѓу другото, рече дека ќе се изгради атмосферска канализација во населбата Серава, која има најмногу проблеми со поплави.

Но, во последната година од мандатот, канализацијата и многу други проекти на Ганиу, поврзани со подобрувањето на условите во оваа општина, која со години беше оставена во мизерија и во вистински хаос, останаа само на платформата на изборната кампања.