Фото: Еко-герила

Одроните на земјиштето, кај Градска бања, за коишто Порталб.мк информира веќе неколку години, вчера ги загрозија животите на граѓаните. Луѓето кои оделе на рекреација не можеле да се качат до главниот дел од бањата, додека автомобилите биле блокирани од свлечиште. Од Општина Тетово не одговараат дали и кога планираат да интервенираат, пишувa Порталб.мк.

Иако патот што води до бањата може да се смета за нов пат, бидејќи е изграден во 2017 година, тој сепак не е соодветен и целосно безбеден бидејќи честопати има одрони.

Граѓаните испратија фотографија до Порталб.мк на која може да се види дека, како резултат на страничното свлечиште, патот до Градската бања во Тетово е целосно блокиран.

Потсетуваме дека, откако Општина Тетово не го исполни ветувањето дека ќе ги спречи страничните одрони кај Градска бања за во март, работата започна на почетокот на април.

„Она што сега се прави е да се обезбеди просторот кој досега беше опасен за пешаците. Започнавме со изградба на каскади во некои делови, така што ќе се заштитат критичните точки каде, поради промени на климатските услови, постои можност за одрони и со тоа можност да се предизвика штета на природата и минувачите. После најкритичните делови, во иднина ќе се најдат деловите каде што треба да се продолжи со работа во овој правец. Предвидуваме уште поголем проект за заштита на овој дел од градската бања“, рече Сенажана Новаковска од Општина Тетово, на 7 април.

Покрај тоа, од Општина Тетово потврдија дека истовремено се работи и на санирање опасниот потпорен ѕид, кој со текот на годините само што не се срушил, а општинските власти досега не презедоа никакви мерки за ова.

Уште во 2018 година од Општина Тетово, токму за Порталб.мк ветија дека ќе го решат проблемот со страничните одрони кај Градска бања, и тоа во текот на истата година, но тоа сè уште не е направено.

Инаку, граѓанските активисти со години бараат овој проблем да се реши, при што предупредија дека патот што води кон Тетовската бања на многу места е опасен. Ерозиите се протегаат по целата должина на патот, а оштетени се и страничните заштитни ѕидови. Според нив, граѓаните кои го користат овој дел за рекреација, велат дека одроните започнале од моментот кога надлежните започнале со реконструкција на патот.