Порталб: Неуспехот да се заштити Охридското Езеро во Албанија и Македонија го загрозува статусот во УНЕСКО

Фото: Фејсбук-профил на ДИЖС

Иако е под заштита на УНЕСКО, Охридското Езеро, кое е распространето во Северна Македонија и Албанија, се соочува со низа проблеми. Како резултат, Охридското Езеро е во опасност да биде отстрането од списокот на УНЕСКО. Проблемите што ја загрозуваат биолошката разновидност на најстарото езеро во Европа се од различна природа, почнувајќи од дивоградби, загадување на езерото, испуштање на отпадни води, минерален отпад и комунален отпад. Палењето на трската во крајбрежјето е исто така многу вознемирувачка појава, пишува „Порталб.мк“.

Со години наназад, Охридското Езеро се соочува со голем број проблеми. Небрежноста на граѓаните и на властите доведоа до предупредувања дека Охридското Езеро треба да се отстрани од списокот на заштитено светско природно и културно наследство на УНЕСКО.

Во неодамнешниот извештај, испратен до локалната самоуправа и надлежните министерства, УНЕСКО предупредува дека Охрид е на чекор до ставање во списокот на светските наследства под ризик. Извештајот ги потенцира проблемите во заштитата на автентичноста на старите куќи, отстранувањето на дивите градби и проблематичните урбанистички планови за градба, како и нивното влијание врз езерото и живиот свет.

Најголем непријател на езерото се сметаат дивите градби и преземени активности за создавање нови простори во крајбрежјето за дива градба. УНЕСКО бара итно отстранување на дивоградбите на крајбрежјето во Охрид и Струга. Во Охрид, на 50 метри од крајбрежјето, регистрирани се 414 нелегални објекти. Од 15.000 барања за легализација, поднесени пред две години во општина Охрид – 11.000 се за семејни домови, 420 згради и 28 хотели. Во Струга, пак, вкупниот број на барања за легализација е 10.639. Одбиени, нецелосни без детали се 4.470, решени се 3.127 случаи, во постапка се 3.038. Од тие 3.038, 65 се наоѓаат на 50 метри од езерото. Половина од нив се одбиени.

Палењето на трската во езерото го загрозува ендемичниот свет

Многу вознемирувачка, а сепак не многу дискутирана појава е и палењето трска на брегот на езерото. Овој феномен обично се појавува во периодот пролет-лето, кога одредени поединци, со намера да го узурпираат јавниот имот ја палат трската, а потоа истиот простор се бетонира или се поставуваат други градежни материјали за да се создаде простор кој ќе се користи за деловно работење. За помалку од два месеци, во иста област, трската била запалена 3 пати по ред. Последното палење се случило на место кое се смета за мрестилиште на крапот и е природен хабитат за многу видови риби. Со последниот пожар изгоре простор од 450 метри во должина и 50 метри во ширина.

„Вистина е дека палењето на трската е проблем што носи последици за екосистемот, затоа нивната заштита е регулирана со подзаконски акти. Постои подзаконски акт со кој се дефинираат областите кои не треба да се допираат, палат или сечат, при што е одредена и површината што ја имаат истите“, изјави Аријан Мероли, истражувач на Охридското Езеро.

Сериозноста на проблемот со палење на трската се гледа во фактот дека со тој чин се уништуваат гнездата на многу птици, многу растенија и животни.

„Биолошката разновидност во тој дел од крајбрежјето е навистина богата и со нејзиното уништување се нарушува природната рамнотежа“, изјави Коста Хиохи, еколошки активист од Струга.

Активистите остро ја осудуваат оваа природна катастрофа и бараат модернизацијата на плажите да се прави според еколошки стандарди.

„Факт е дека горењето на трската не е случајно или инцидентно, туку едноставно е намерно дело кое се врши во фази. Прво се пали трската, потоа локацијата се полни со градежен шут и на крај тоа се израмнува за да се гради над тоа. Лично ми се допаѓа убаво украсено крајбрежје, модерни плажи и прилагодена урбанизација. Сето ова може да се реши на нормален и цивилизиран начин како што тоа го прават нормалните земји. Овој вид уништување никому не му користи“, рече Коста Хиохи.

Што превзема Министерството за животна средина за заштита на Охридското Езеро?

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, за Порталб.мк, рекоа дека предупредувањата на УНЕСКО се сфатени сериозно и дека се решени да го зачуваат статусот на Охрид во УНЕСКО, а за ова е потребна поголема посветеност како од локалните така и од националните власти.

„Некои од потребните корективни мерки и активности се веќе спроведени, а некои се очекува да бидат финализирани во текот на 2021 година. Извештајот на УНЕСКО е показател дека треба да ги зајакнеме и забрзаме планираните активности согласно препораките на реактивната мисија и согласно Планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029) кој вклучува и акциски план. Понатаму, во согласност со законските рокови и планираната динамика, Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата се очекува да биде усвоен во октомври 2021 година“, изјавија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Оттаму посочуваат дека Комисијата за управување со природното и културно наследство од Охридскиот регион, во која учествуваат и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, континуирано и со несмален интензитет ги остварувала своите надлежности во следењето и спроведувањето на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион како и следењето на состојбата со природното и културното наследство во регионот.

„На 27 ноември 2020 година, Билатералниот комитет за управување со Охридското Езеро го одржа вториот состанок на кој беше разгледан и усвоен Нацрт планот за управување со сливот на Охридското езеро, а истиот беше развиен во целосна согласност со Европската рамковна директива за вода (2000/60). ЕК) и соодветното национално законодавство во Албанија и Северна Македонија“, додадоа од МЖСПП.

Загадувањето на езерото вознемирувачко и од страната на соседна Албанија

Неодамна албанскиот портал Фактоје (faktoje.al) објави дека нивото на загадување на Охридското Езеро во делот на Поградец во Албанија е загрижувачко. Договорот потпишан меѓу Албанија и РСМ пред 15 години, имаше за цел да се зачува и спречи загадувањето на водата во Охридското Езеро. Истражувањето на Фактоје и набљудувањето на терен откри дека, барем од албанска страна, загадувањето на езерото не е запрено. Отпадните води, минералниот отпад и урбаниот отпад и понатаму се испуштаат во Охридското езеро.

Во моментов договор меѓу Албанија и Северна Македонија за заштита на Охридското Езеро нема. Аријан Мероли од Поградец, 25-годишен истражувач на Охридското езеро за Порталб.мк објаснува дека првиот билатерален договор за заштита на езерото е потпишан во 1996 година. Во 2005 година беше ратификуван друг договор, кој важеше до 2013 година. Во 2019 година владите на двете земји не успеаја да постигнат договор.

Мероли смета дека нема волја од страна на властите на двете земји за решавање на проблемите, кои го загрозуваат едно од најстарите езера на планетата.

„Соработката за заштита на овој екосистем датира од 1996 година, кога за прв пат во историјата, меѓународната заедница ги обедини двете земји кои го делат овој екосистем (Охридското езеро и неговиот слив) со исклучителни универзални вредности, во Донаторска конференција со цел да се изнајде долгорочно решение за зачувување и одржливо користење на природните ресурси на езерото. Договорот потпишан меѓу двете земји (октомври 1996 година) беше придружен со грант од Светска банка за финансирање на билатерален проект (Проект за зачувување на Охридското Езеро). Проектот не само што ги изгради темелите на оваа соработка, туку и иницираше Договор меѓу владите на Албанија и Северна Македонија (ратификуван од парламентите на двете земји во февруари 2005 година), за одржлива заштита на езерото“, вели Мероли.

Тој потенцира дека една од целите на овој договор беше воспоставување билатерална структура со високи владини претставници на двете земји и локалните власти во регионот, како структура одговорна за спроведување на договорот.

Но, како што додава тој структурите создадени со договорот се основаа во 2005 година и функционираа до 2013 година, при што се донесоа низа многу важни одлуки за регионот, како и финализирање на истите во име на двете влади.

„За жал, структурите создадени со договорот по 2013 година не се веќе функционални, и покрај обидот да се модифицираат во 2019 година, спротивно на договорот меѓу двете земји, што резултира со недостаток на реална и транспарентна соработка, и она најважното недостаток на добра волја за решавање на проблемите кои го загрозуваат овој екосистем“, изјави Ариан Мероли.