fbpx

Порталб: Нема волја за ставање во функција на жичарата „Тетово – Попова Шапка“, властите ја обвинуваат пандемијата

-

Сите партии досега во нивните предизборни програми ветиле пуштање во функција на жичарата Тетово – Попова Шапка, но до денес не е преземен ниту еден чекор во овој правец. Од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ велат дека ова требаше да се заврши со буџет од 20 милиони евра, но нема волја. Од друга страна, Владата на РСМ, за Порталб, ја обвинуваат ситуацијата со пандемијата којашто според нив, ги оневозможила работите за овој проект, пишува Порталб.мк.

Попова Шапка од 1962 година имала жичара која ги превезувала туристите од Тетово до овој туристички центар, но моментално оваа жичара е расипана и вон употреба. Таа е „заложник“ на предизборните ветувања, на секоја политичка партија, во секој изборен циклус.

По анализа спроведена од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ со eксперти од областа, потврдено е дека е невозможно жичарата да се стави во функција, поради фактот што е демонтирана и целосно амортизирана.

„Жичарата Тетово – Попова Шапка што започнува кај Арабати и завршува горе во Попова Шапка е вон функција. При посета на машински инженер на центарот во Тетово, кој работи во оваа област на светско ниво, беше разгледано и утврдено дека тој вид на жичара не може да се стави во функција. Таква жичара беше монтирана и во ски-центар во Хрватска, и веќе е демонтирана и не се употребува бидејќи е 100 проценти амортизирана, и тука ќе мора повторно да се контролираат сите столбови, сите бетонски постаменти бидејќи во многу случаи има и ерозија на земјиштето и потребно повторно да се изгради“ вели Хамди Сулемани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Меѓутоа, изградбата на нова гондола според Сулемани, државата би ја чинело 20 милиони евра и време од една година, и истакна дека за ова, доволни се волја и желба за инвестирање во овој туристички центар бидејќи можностите постојат.

„Реконструкцијата на жичарата Тетово – Попова Шапка со сета техничка документација чини околу 20 милиони евра и ќе трае во период од 1 година вклучувајќи ја тука и подготовката на техничката документација, изградата, реализацијата и пуштањето во употреба. Информациите кои ги имаме, за километражата што треба да се направи 6,5 км се од производител којшто речиси секоја година реализира 2-3 вакви случаи“ додава Сулемани.

На прашањето на Порталб.мк, од Владата на Република Северна Македонија рекоа дека сепак имало план за изградба на оваа гондола, но бил поништен поради ситуацијата со коронавирусот во земјата.

„Поради кризата со пандемијата со ковид-19, одложена е постапката за спроведување на проектот за изградба на гондолата. Владата на Северна Македонија останува посветена на развојот на зимскиот и планинскиот туризам низ целата држава“ изјавија од Владата на РСМ.

Надежта, според извршната власт останува кај приватниот инвеститор, којшто сè уште не е избран, а исто така сè уште не е одлучено за конечниот модел, односно дали овој туристички центар ќе биде целосно приватизиран или ќе биде развива со јавно – приватно партнерство.

„Се разгледуваат можностите за различни модели за развојот на Попова Шапка како регионален туристички центар со можност за приватни инвестиции или јавно – приватно партнерство, со што би се овозможило и изградбата на жичарата Тетово-Попова Шапка“ изјавија од Владата.

На последните избори, сите партии го ветија ова. Од Демократската унија за интеграција присутен за потпишување ветувања на оваа партија за Попова Шапка беше Хисен Џемаили, којшто меѓу другото вети и ставање во функција на жичарата.

„Изградбата на гондолата од градот до Попова Шапка за што веќе сме донеле одлука во владата за доделување на средства во износ од 300 илјади евра за изработка на урбанистичкиот план“ вели во ветувањето, кое го потпиша ДУИ.

Целосната изборна програма на ДУИ можете да ја прочитате: ТУКА, ветувањата за Попова Шапка од страница 114 до страница 116.

И во програмата на коалицијата „Можеме“ меѓу Движењето БЕСА и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) стои ова ветување.

„Ставањето во функција на жичарата Тетово – Попова Шапка како и отворањето на повеќе туристички центри во Шар Планина како и поддршка за планинскиот туризам искористувајќи ги ИПА фондовите за прекугранична соработка“ пишува во програмата на коалицијата „Можеме“.

Коалицијата СДСМ-БЕСА под називот „Можеме“ не беа присутни кога се ветуваше за Попова Шапка. ТУКА (страница 14) можете да прочитате што ветуваат тие за овој туристички центар.

Потенцираме дека и Демократската партија на Албанците (ДПА) е потписник на документот изготвен од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ каде меѓу
другото, се бара жичарата Тетово – Попова Шапка да се пушти во функција.

Целосната изборна програма на ДПА можете да ја прочитате: ТУКА, ветувањето за Попова Шапка во страница 51.

Република Србија, не беше „спречена“ од пандемијата за да го реализира истиот проект

На 14 јануари во Златибор, Србија, во функција е пуштена најголемата гондола во светот, со должина од вкупно 9 километри и прекрасни планински пејзажи.

Изградбата на оваа гондола започна во 2016 и чинеше вкупно 13 милиони евра. А за финансирањето на истата се погрижила Општина Чајетина, информираат од Ал Џезира.

Ова според српските власти, се очекува да го претвори Златибор во најпосетена дестинација не само во Србија, туку и во целиот регион со вкупно милиони посетители годишно. Од друга страна, вреди да се нагласи дека гондолата Тетово – Попова Шапка е 2,5 километри пократка, а исто така има готова инфраструктура, но не се преземаат чекори за негова реализација, додека Златибор е едноставно мало село во Србија, што го нема потенцијалот на Попова Шапка.

Инаку, лани, преку 1.500 лица потпишаа петиција за реставрација на жичарата Тетово-Попова Шапка. Никој до денес не одговорил на барањето на граѓаните.

Потсетуваме дека во 1962 година, оваа гондола беше изградена и почна да функционира првиот дел од жичарата до Лисец, во должина од 3.209 метри. Три години откако жичарата Тетово – Лисец беше пуштена во функција, во 1965 година се пушти во употреба и вториот дел од жичарата Лисец – Попова Шапка, во должина од 2.991 метри. Жичарата имаше 100 кабини, со капацитет за 400 лица. Времето за патување траеше 40 минути. Во периодот од 8 март кога беше пуштена до декември истата година, 103.000 посетители ја користеле жичарата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...