Порталб: Нејаснотии во врска со сексуалното образование, објаснување каква ќе е содржината на предметот [видео]

Фото: Kimberly Farmer on Unsplash

Во рамките на реформите во основното образование што министерката за образование и наука Мила Царовска ја претстави на крајот на минатата година е и воведувањето на сексуалното образование како изборен предмет за деветто одделение. Овој чекор наиде на критики и противења од група родители кои и протестираа. Со цел да се разјасни која ќе биде вистинската содржина на сексуалното образование и дали нашето општество е подготвено за ваква тема, разговаравме со сексуалната воспитувачка од невладината организација „ХЕРА“ Елена Савеска, пишува Порталб.мк.

Веднаш по претставувањето на планот на Министерството за образование и наука за реформите во основното образование од страна на министерката Мила Царовска, имаше реакции од група родители кои бараа отстранување и на дигитализацијата и на сексуалното образование од изборните предмети.

Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“, која брои близу 80.000 членови, поднесе вкупно 8 барања во врска со предложените реформи за основното образование, а основачот на групата Драгана Спасевска се состана со државните лидери, но компромис не е пронајден.

Дополнително, на социјалните мрежи се шират голем број дезинформации за можната содржина на темата сексуално образование, а Министерството за образование и наука честопати ги демантира истите.

Која ќе биде навистина содржината на инклузивното сексуално образование?

Елена Савеска, сексуална воспитувачка од невладината организација „ХЕРА“ истакна дека пред сè предметот нема да биде задолжителен, односно учениците од деветто одделение ќе можат да изберат дали сакаат да го слушаат или не.

„Предметот сексуално образование, предложен од Министерството за образование и наука, е пред сè пилот програма, која ќе се реализира во текот на годината. Она што се предвидува во оваа пилот програма се во суштина теми за пол, репродуктивно и сексуално здравје, ХИВ, дискриминација, како и граѓанските аспекти, врски и односи, сексуално насилство, тело и односите со телото. Пилот програмата ќе се спроведе во 4 училишта, во урбани и рурални области на Скопје и Тетово, за ученици од деветто одделение како изборен предмет, така што тие ќе можат да изберат дали сакаат да го слушаат тој предмет и доколку не, не е задолжително“, рече Елена Савеска од „ХЕРА“.

Савеска додаде дека во земјите каде е имплементиран предметот сексуално образование, според истражувањето на „ХЕРА“, има намалување на сексуалното насилство, сексуално преносливите болести и семејното насилство, затоа, според нив овој предмет е неопходен .

„Неопходноста на овој предмет произлегува од фактите и статистиките што ги имаме за потребата истиот да се воведе во формалното образование и воопшто во образованието на младите. Младите треба да бидат информирани за нивното здравје и благосостојба, и за сексуалниот дел од нивното образование; исто така, овој вид сексуално образование се спроведува и во други земји каде може да се види и придонесот на истото, односно има намалување на насилството, на сексуално преносливите болести во споредба со нашата земја каде овој резултат сè уште не го гледаме и дури не размислуваме во таа насока. Исто така, младите со сексуалното образование ќе добијат точни и релевантни информации за нивниот раст и развој, ќе добијат неопходни информации за донесување одлуки за нивното тело, за нивната егзистенција, а и односите што ќе ги имаат во општеството ќе се засноваат на почитување, достоинство и согласност“, додаде Елена Савеска.

Таа истакна дека како организација се свесни за дезинформациите што се шират на социјалните мрежи за содржината на овој предмет и, според неа, многу е важно луѓето да добиваат информации од безбедни и релевантни извори.

„Да, свесни сме за лажните вести што се шират, особено на социјалните мрежи. Ние како организација сакаме да се осврнеме на сè, свесни сме дека тоа доаѓа затоа што луѓето немаат информации за сексуалното образование, исто така сметаме и се чувствуваме обврзани како организација да шириме точни и релевантни информации, за ова во моментов спроведуваме кампањата „Клупа на ССО“, односно сексуалното образование, каде се третираат сите митови и неточни информации што се шират во јавноста за читателите и пред се родителите да можат да се информираат со точни и релевантни информации“, рече Елена Савеска.

Инаку, пилот програмата односно фазите што се предвидени се следниве, првата фаза веќе помина е обука на персоналот, наставниците, кои доброволно се пријавија да учествуваат во оваа пилот програма. Втората фаза се очекува да се одржи од септември, односно учење на материјалот или темите и третата фаза е евалуација, односно резултатите што ќе се следат ќе се споредат со очекуваните резултати за да се види дали сексуално образование треба да се постави во формалното образование или не.