fbpx

Порталб: Нефункционално јавно осветлување во дел од Тетово, општината чека избор на изведувач

-

Поради дефекти на јавното осветлување, некои населби, улици и сокаци во општина Тетово остануваат во темница, иако граѓаните плаќаат и за тоа. Тие се жалат дека овој проблем постои долго време и дека немањето осветлување предизвикува страв и несигурност додека се движат во такви места. Од општината ветуваат решение за проблемот, пишува Порталб.мк.

Меѓу локалните тарифи утврдени со закон, е и плаќањето што тетовци го вршат за јавно осветлување.

„(За) користење и одржување на јавното осветлување – се плаќа општинска такса во износ од 15 kw на час по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија“, се вели на веб-страницата на општина Тетово.

Според ценовникот на Регулаторната комисија за енергетика, цената за 1 kw на час за јавно осветлување е 7,35 денари. Па ако се пресмета, домаќинствата во Тетово што имаат броила, плаќаат по 110,25 денари месечно само за јавно осветлување.

Градоначалникот на Тетово рече дека ова е наследен проблем за кој се во фаза за избор на нов изведувач кој ќе управува со јавното осветлување.

„Сакам да нагласам дека веќе имаме наследено физибилити студија од пред повеќе од 10 години за да се регулира прашањето за јавното осветлување, евентуално со приватно партнерство. Компанијата која ја подготвила физибилити студијата ја ангажиравме да ја ажурира истата. Во краток период, не повеќе од еден месец, ќе имаме ажурирана физибилити студија и врз основа на тоа ќе одиме понатаму за конечно решение на јавното осветлување бидејќи тоа е проблем за многу населби, улици и улички во Тетово“, рече Билал Касами.

На веб-страницата за јавни набавки е наведено дека општина Тетово на 29 април има објавено тендер за јавно осветлување и истиот е отворен до 16 мај.

Касами додаде дека поради финансиската состојба на општината и на претпријатието со блокирање на сметките, во одредени моменти не можат да го направат потребното сервисирање на проблемот.

„Мора сериозно да ја анализираме можноста за доделување концесија или соработка со приватен партнер и да се реши тоа“, рече Касами.

Регулирањето на јавното осветлување е ветување и во програмата на Касами за управување со Тетово. Во точката Урбанизам, конкретно се вели: „Ќе обезбедиме средства преку општинскиот буџет и еко-проектите на ЕУ при што секој столб на јавното осветлување ќе има соларни панели, ќе имаме ефикасно градско осветлување и ниска економска цена“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...