Фото: Порталб.мк

Недостатокот на вода во Тетово оневозможи компанијата која ја изгради модуларната болница за пациенти со ковид-19, да го тестира системот за вода во тој објект. Сепак, регулирањето на овие пропусти се во завршна фаза, а економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, информира дека наскоро се очекува болницата да биде ставена во функција. Во Тетово состојбата со ковид-19 е подобрена, пишува Порталб.мк.

Артан Етеми, економски директор на Клиничката болница во Тетово, истакна дека соодветна комисија од Министерството за здравство забележала некои пропусти при изградбата на модуларната болница, но на компанијата и преостануваат уште неколку дена да ги поправи овие неправилности.

„Компанијата што ги изведе градежните работи на овој објект направила неколку мали пропусти, и комисијата и даде рок од пет дена да ги поправи малите неправилности, така што сме во последната фаза кога треба да го приклучиме објектот во централниот систем за кислород, кој е повеќе од неопходен за лекување на пациенти со ковид-19“, рече Етеми.

Тој додаде и дека недостатокот на вода во одредени периоди во Тетово ја спречи фирмата да го тестира системот за вода во модуларната болница, за пациенти со ковид-19.

„Еден ден претставници на компанијата беа за да ја пуштат водата во употреба, но немаше вода од градската мрежа, па затоа не можевме да го тестираме системот за вода во објектот“, додаде Етеми.

Во меѓувреме, бројот на пациенти примени во Клиничката болница во Тетово, поради ковид-19, во моментов е 41 и сите пациенти се на кислородна поддршка.

Порталб.мк веќе неколку дена пишува за доцнењето на постапката за ставање во функција на модуларната болница во Тетово. Пред една недела сите надлежни страни изјавија дека ја завршиле својата работа, сепак, болницата сè уште не е ставена во функција, иако вакви модуларни болници веќе работат во неколку градови во државата.

Инаку, во текот на последните 24 часа во земјава од вкупно 2.865 лица тестирани за ковид-19, позитивни биле вкупно 627 лица. Од компликации со вирусот починаа 47 лица и 1.765 се регистрирани како излекувани.