Не е познато колку беше ефикасна апликацијата „Стоп Корона“, која имаше за задача да им помогне на граѓаните да ги идентификуваат контактите што можеби ги имале со луѓе заразени со ковид-19. Бројот на инсталации на телефоните е далеку од она што властите го најавуваа, пишува „Порталб.мк“.

Министерството за здравство не даде одговор на прашањата на Порталб во врска со ефикасноста на апликацијата „Стоп Корона“, со која требаше да се олесни работата на епидемиолозите, во врска со анкетите и наоѓање на сите контакти со што би се скратило времетраењето на епидемијата.

Од друга страна, пак, очекувањата на надлежните дека апликацијата „Стоп Корона“ ќе ја инсталираат над 200.000 граѓани не се реализирани, и покрај рекламите, кампањите, па дури и иницијативата на Владата да ја инсталира со цел да се откријат блиски контакти со потенцијално заразени лица со ковид-19.

Во првите 10 дена, по промоцијата, апликацијата ја инсталирале 47.000 граѓани. Очекувањата на тогашните власти беа дека оваа апликација ќе се инсталира масовно, но тоа не се случи. Во последните 5 месеци, апликацијата е инсталирана од нешто над 17.000 граѓани, или вкупно 67.507 инсталации.

За нискиот број на инсталации, ги прашавме од Министерството за информатичко општество и јавна администрација, но тие рекоа дека со оваа апликација управува Министерството за здравство и дека немаат надлежности.

„Порталб.мк“ контактираше со здравствените власти за да открие колкав е бројот на активни корисници, но тие не можат да го потврдат овој број, поради начинот на кој работи апликацијата.

„Со оглед на начинот на кој работи апликацијата, сите податоци се зачувуваат локално на телефонскиот уред на лицето кое е регистрирано. Податоците до централната локација се испраќаат само кога лицето кое имало позитивен тест со ковид-19 се согласи и одлучи да ги испрати податоците. Од тука не е можно да се следи бројот на активни корисници, туку само бројот на регистрирани корисници “, велат од Министерството за здравство.

Рејтингот на апликацијата од граѓани кои ја користеле истата, е само 3,3 од 5 и повеќето од коментарите што се наоѓаат во Play Store, се во негативен контекст.

Апликацијата се промовираше на 13 април оваа година и истата беше најавена како многу важна за обезбедување на вистинска слика за пандемијата, заедно со проценка на имунитет на населението.

Кампањата за инсталирање на апликацијата е речиси сопрена. Секојдневните повици на властите да се користи оваа алатка престанаа во април. Според она што го проверивме, властите не воделе кампања од мај.

За разлика од сега, тогашните функционери постојано повикуваа за инсталирање на апликацијата.

„Инсталирајте ја апликацијата од stop.koronavirus.gov.mk и активирајте Bluetooth. Кога вашиот телефон ќе биде во близина на телефонот на лице заразено со ковид – 19, кое исто така ја има активирано апликацијата, оваа информација, со ваша дозвола, се регистрира во здравствениот систем“, повика тогашниот премиер Оливер Спасовски, на 29 април.

„Ќе дојде период кога ќе треба да направиме просечна проценка, за да видиме како да ги димензионираме другите мерки што ќе треба да ги преземеме или да ги препорачаме за лето, на крајот на летото и рана есен. Тогаш оваа апликација, заедно со потребата да се процени имунитетот на населението и ќе биде од голема важност бидејќи ќе ги покаже контактите за кои можеби некој не бил свесен дека ги има во одреден момент“, рече министерот за здравство Венко Филипче, на 22 април.

„Акцијата за инсталирање на апликацијата преку лекари, мислам дека ќе биде плодна. Повторно ќе нагласам, немаме намера да воведуваме рестриктивни мерки и затоа луѓето треба да го чувствуваат тоа како еден вид обврска, иако би требало да биде граѓанска обврска. Ние едноставно сакаме да почувствуваат дека мора да ја преземат за заштита на луѓето“, изјави тогашниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на  21април.

Владата дури на седницата на 19 април одобри препорака сите вработени во органите на државната управа, државните јавни претпријатија, државните акционерски друштва, агенциите, фондовите, канцелариите, субјектите, директорите и сите други државни институции да ја инсталираат оваа апликација. Истовремено, таа им наложи на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и вработените во приватниот сектор, да ја инсталираат оваа апликација.

Во исто време, Владата побара од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да ги задолжи сите матични лекари во нашата земја да им препорачаат на своите пациенти да ја инсталираат мобилната апликација „Стоп корона!“

Владата и наложи на Министерството за информатичко општество и администрација да предложи дополнителни стимулации за оние кои ја инсталираат „Стоп корона!“. Исто така, владата му наложи на ова министерство да достави уредба со законска сила со која сите телевизии и радија ќе треба да емитуваат информативни пораки подготвени од Министерството за здравство и Владата во врска со ковид-19, во времетраење од 2 – 3 минути, на секој час од радио и телевизиски програми.

Владата не одговори на нашето прашање дали имаат извештаи или евиденција во врска со тоа колку е почитувана нивната препорака за инсталирање на оваа апликација.

Агенцијата за заштита на личните податоци даде позитивно мислење за употребата на оваа апликација. Таа е достапна за телефоните „iOS“ и „Android“. Граѓаните, кои ќе ја преземат, ќе треба да вклучат Bluetooth и локација на нивните телефони кога и да се далеку од дома за да можат да се регистрираат контакти.