Порталб: Мотивацијата ги руши сите бариери до успехот, па дури и кога сте го изгубиле видот

Фисник Селими | Фото: Порталб.мк

Фисник Селими е 19-годишно момче од Скопје кое, поради болест, го изгубило видот во раното детство. Тој се соочил со оваа болест уште пред да го види светот добро и без да ги запознае нештата што го опкружуваат, раскажува Селими за Порталб.мк.

Но, ова не го спречило да се прилагоди на околината и да се развива како и неговите врсници кои не се соочуваат со ваква пречка, многу храбро да ги следи соништата и да оди кон хоризонти кои не познаваат граници.

Иако за некоја обична личност, губењето на видот би предизвикало пречки и потешкотии на патот на неговиот развој, тоа не се случило со Фисник, кој со бескрајна волја и упорност, успеал да ги скрши сите пречки што се појавиле пред него.

Всушност, неговите амбиции се многу високи. Тој е студент на втора година на Правниот факултет, а истовремено е вклучен во многу други активности, како што се пливање и фитнес. Фисник може да користи технолошки алатки како лаптопи и паметни телефони без никакви проблеми.

„Два дена во неделата одам на курс по англиски јазик, по час и половина. Се занимавам и со спорт, фитнес, а со пливање започнав пред кратко време. На пливање одам со тренер. Повеќе денови одам на факултет. Студирам право на универзитетот ААБ во Приштина, втора година сум. Студиите ги реализирам со аудио запис, ги снимам предавањата на професорите, тоа е уред наречен диктафон и со него го снимам нивниот глас и потоа кога ќе дојде време за полагање ги слушам. Како слепа личност, имав голема помош од многу луѓе, колеги од факултетот. Забележувам дека секогаш, кога ќе станам од седиште, тие ми помагаат и не заминуваат додека не седнам повторно“, изјави тој за Порталб.мк.

Селими за Порталб.мк раскажа како во седмо одделение се сретнал со Шефкет Мулиќи, професор од Пеќ, на кого оставил силен впечаток а тој потоа го поканил да го продолжи училиштето за слепи лица во Пеќ.

„До седмо одделение учев во училиште во Скопје, во Кисела Вода, тоа е училиште само за слепи лица. Таму имавме многу програми, концерти, глума. Во една пиеса на која учествував во училиште беше присутен и професорот за слепи лица од Пеќ, Шефкет Мулиќи. Ме виде и праша за мене, виде дека сум Албанец и учам само на македонски јазик па ме покани да ја следам настава во училиштето за слепи лица во Пеќ. Осмо одделение го продолжив во Пеќ, а таму го завршив средно училиште, насока информатика“, рече тој.

Селими вели дека досега ништо не го спречувало да работи на реализација на неговите амбиции и дека постигнал сè што сакал. Сепак, тој ги истакна препреките и недостатоците во комуникацијата, што се однесува до слепите лица.

„Јас можам да го користам мојот лаптоп и технолошките алатки, телефонот. За слепите лица, се направени акустични програми. Досега ништо не ме спречуваше. Ја имам поддршка од моите родители, поддршка од семејството и не сум разочаран за ништо досега, постигнав многу работи што ги сакав. Оваа година имам и асистент кој ќе ме придружува ако ми треба помош или нешто. На пример, со него одам на фитнес и можам да го повикам за што и да ми треба. Постојат многу пречки во сообраќајот. Имам слушнато дека во Европа има многу добри услови за слепите лица. На пример, тие имаат форми за ориентирање на земја, имаат нешто поставено на патот, така што слепото лице знае каде му е патот. Или, ако е во некоја главна улица или треба да помине на семафор, истиот е со сигнал, тој покажува кога да се застане и кога да се премине. Семафори за слепи има само на две места, а некаде се со слеп систем“, нагласи Селими.

Тој им порача на родителите на слепи деца да не ги дискриминираат, не дозволувајќи им да го продолжат образованието и да им се даде шанса да покажат дека и покрај тоа што се слепи, тие имаат способност да постигнуваат работи во животот.

„Сакам да зборувам за некои слепи лица кои се дискриминирани од нивните родители. Ова е еден вид порака. Тие не треба да бидат дискриминирани само затоа што се слепи. Постојат некои слепи лица кои се дискриминирани од родителите, само затоа што се слепи ги заклучуваат или изолираат во своите простории и не ги пуштаат да излегуваат или да учат. Има многу случаи кога се бара слепите лица да одат на училиште, но нивните родители не дозволуваат тие да одат на училиште, бидејќи сметаат дека слепите лица немаат можност да постигнат нешто“, порача Селими.

Ова 19 годишно момче, кое исто така може да работи како аудио транскрипт или да работи во кол центар, е пример што покажува дека кога има волја и желба, соништата можат да се остварат, и покрај тешкотиите и бариерите што може да се сретнат во текот на тоа патешествие.