Порталб: Многу прашања за бегството и враќањето на Мијалков останаа неодговорени

Фото: Архива на Мета

Не може, а да не кажеме дека ситуацијата остава лош впечаток, пред сè во однос на координацијата и комуникацијата на надлежните тела едни со други, како и во однос на квалитетот, точноста и конзистентноста на информациите споделени со јавноста.

Вака Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“ за Порталб.мк го искоментира случајот со изчезнувањето, а потоа и појавувањето на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Таа вели дека остануваат многу неодговорени прашања во врска со начинот на размена на информации меѓу јавните обвинители и полицијата, координацијата на обвинителите во обвинителството, ефикасноста на полицијата во спроведувањето на оперативните мерки и активности, но и прашања во врска со директната комуникација меѓу обвинителите со Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Контрадикторни информации беа дистрибуирани до јавноста од надлежните органи, кои во комбинација со неодговорените прашања, за жал, оставаат впечаток дека државата сè уште нема постигнато доволно ниво на еднаквост пред законот, како и недостиг на професионализам, отчетност и одговорност од страна на надлежните лица. Ваквата практика остава простор за сомневање за нееднаков третман на обвинетите во кривичните постапки. Ова се поврзува со начинот и ефикасноста со кои полицијата ги спроведува најлесните мерки, бидејќи во повеќето од овие случаи, обвинетите успеале да избегаат во друга земја, иако им биле одземени патните исправи“, изјави Петровска.

Коментирајќи ја одлуката за притвор за Мијалков, таа вели дека мерката куќен притвор во суштина е ефективно лишување од слобода, иста како и мерката притвор, со таа разлика што обвинетиот или осомничениот против кого е изречена мерката, ја издржува мерката во сопствениот дом, наместо во затворските одделенија.

„Тоа значи дека куќен притвор се одредува во случаи кога се исполнети условите за притвор, но постојат одредени околности за кои се претпоставува дека мерката ќе ги постигне посакуваните ефекти, дури и ако лицето ја издржува мерката дома. Меѓутоа, во конкретниот случај одлуката за изрекување на мерката не е објавена и не се познати причините за кои е утврдена оваа мерка и не може да се даде никаков понатамошен коментар дали истата мерка е разумна или не. Она што потенцијално може да влијае за промена на ситуацијата е жалба против одлуката за куќен притвор или поднесување на нова апликација, бидејќи лицето во меѓувреме не било достапно, што е нова околност која судот мора да ја процени во смисла на тоа дали домашниот притвор ќе ги даде посакуваните ефекти, односно ќе спречи бегство на лицето“, вели Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“ за Порталб.мк.

Поранешниот началник на УБК, Сашо Мијалков, кого властите го бараа три дена, завчера ненадејно се појави пред Обвинителството во Скопје за да ја подигне одлуката за домашен притвор. Тој рече дека бил болен и дека не избегал, како што беше објавено во јавноста. Тој за ТВ24 изјави дека никогаш нема да избега, но не кажа конкретно каде бил.

„За жал вчера бев многу болен, со температура над 40“, рече Мијалков, истакнувајќи дека е изолиран поради симптомите на коронавирусот и затоа „не можеле да го најдат.

Рускоска: ќе размислиме дали да побараме затворски притвор

Откако се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција, во 17 часот, Мијалков остана таму два и пол часа и потоа отиде дома во придружба на полицијата.

Обвинителството ја повлече жалбата за определување куќен притвор, по што останува на сила полесната мерка, утврдена во неделата вечерта од тричлениот совет во Основниот кривичен суд Скопје. Според обвинителката за организиран криминал, Вилма Рускоска, жалбата била повлечена пред да се појави Мијалков, бидејќи по предлог на претседателот на Основниот кривичен суд, доколку обвинителството не е задоволно од мерката куќен притвор, треба да се достави нов предлог за ефективен притвор.

Рускоска прексиноќа рече дека Мијалков првично се јавил кај неа да праша дали може да се пријави во Обвинителството.

Обвинителката Вилма Русковска на изрекувањето на првостепената пресуда за „Рекет“ | Фото: Арбнора Мемети

„Се консултирав со Jавниот обвинител дали треба да се пријави во полиција. Тој рече дека може да дојде и кај нас. Колку што знам од разговорот со претседателот на судот, самиот претседател изутрината побарал да се повлече жалбата затоа што дотогаш одлуката не била спроведена. Да не се губи време и да се поднесе барање за притвор. Се согласи и Јовевски. Ќе размислиме дали да побараме притвор во затвор. За време на разговорот со неговиот адвокат, откривме дека тој направил грешка што не се појавил и не ја прифатил одлуката. Апсолутно не верувам дека тој бил болен“, рече Рускоска.

Владата тврди дека „враќањето“ на Мијалков е резултат на нивните активности за апсење.

Премиерот Зоран Заев, завчеравечерта одржа прес-конференција за појавувањето на Мијалков, на која рече дека правдата е обезбедена и дека ќе ја има сè почесто и ќе продолжи со ваков одговор кога некој сака да игра со правдата.

„Во изминатите 40 часа преземавме редовни и вонредни мерки, со акцијата што ја координиравме и Сашо Мијалков, немаше друга опција освен да се појави. Сите можности за напуштање на државата беа елиминирани. Беа избегнати нови потенцијални ризици. Тоа не треба да се смета за олеснителна околност и не треба да се заборави дека Мијалков првично избега“, рече Заев.

Во меѓувреме, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ја ситуацијата, рече „Ова е веќе циркус, направија циркус од државата“, потенцирајќи дека премиерот ги лаже граѓаните гледајќи ги в очи.

„Си играат мајтап, додека мафијата царува. Денеска стана совршено јасно на
секој граѓанин во Македонија дека имаат договор. Прво се договорија да избега, па
се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шамар за
полицијата, судот, Обвинителството, со шамар за власта,“, рече Мицкоски.

Јавноста „експлодираше“

Потоа „експлодираа“ реакциите на јавноста, која се исмејуваше со ситуацијата. Ова се дел од реакциите што граѓаните ги изнесоа преку социјалната мрежа Твитер.

„Ако лицето не се разболи, веднаш ќе се издаде меѓународна потерница“.

„Им го зедовте лебот на актерите во театар“.

„Бев болен, учителке“.

Реакции од албанската јавност имаше и на социјалната мрежа Фејсбук.

Инаку, во неделата, 21 февруари се прошири информацијата дека Мијалков избегал и е недостапен за полицијата, непосредно пред судот да ја објави пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој тој е осомничен за масовно прислушување.

Министерството за внатрешни работи објави и фотографија и кратка биографија во националната и меѓународната потерница.

За сето тоа време, ниту полицијата ниту обвинителството не презедоа одговорност за непрофесионална работа. Главната обвинителка за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска рече дека се сомнева дека некој му помогнал на Мијалков, бидејќи полицијата го набудувала и имала визуелен контакт непосредно пред неговото бегство. Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето излагање пред медиумите рече дека не се чувствува одговорен за овој инцидент.

Слично како што јавноста реагираше за Мијалков, се коментираше и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, инаку прв братучед на Мијалков. Одговорноста е побарана, но сè уште не е „лоцирана“ и не е посочено како Груевски преку три други земји избега во Унгарија.

Мијалков обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“

Обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“ се Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и неколку поранешни вработени во ДСК, кои се обвинети за незаконско прислушување за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше токму Груевски, а неговиот братучен Мијалков беше шеф на тајната полиција.

Во завршните зборови, двајцата обвинители побараа петгодишна казна за одговорните за незаконско прислушување и петгодишна казна за злоупотреба на службената положба за обвинетите во случајот. Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски налози. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по истекот на судските наредби на 1.541 броеви или вкупно 5.827 телефонски броеви. Повеќе од 20.000 граѓани биле прислушувани.

Мијалков во сведочењето рече оти дека нема докази дека илјадниците снимени разговори биле од Управата за безбедност и контраразузнавање, односно дека прислушувањата се вршеле таму. Тој тврди дека прислушувањето можело многу лесно да се изврши надвор од системите на УБК.

Судот треба да ја изрече пресудата за „Таргет-Тврдина“ утре.