Порталб: Младите во земјава се користат само за кампањски муабети, не се приоритет на партиите

Иако политичките партии велат дека младите им се приоритет и постојано ги повикуваат истите да се вклучат во политиката и одлучувањето, како и да го промовираат истото, практиката во повеќето случаи го покажува спротивното. Конкретен случај се локалните избори, каде кандидатите за градоначалници на возраст од 18 до 29 години се застапени со 2,9 проценти, односно од вкупно 301 кандидат, само 9 се од оваа возрасна група. Слична е ситуацијата и со листите на кандидати за општински советници, каде младите во повеќето случаи се на дното на листите, пишува Порталб.мк.

Порталб.мк разговараше за ова со тројца млади, кои го дадоа своето мислење за оваа појава и последиците од ваквата ниска застапеност во донесувањето одлуки и во јавниот живот за младите.

Влора Речица, истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ рече дека во моментов во Северна Македонија, со оглед на двојната дискриминација на жените, имаме сериозен проблем со политичката застапеност на различни групи, вклучително и младите.

„Главниот проблем започнува со фактот дека младите, во повеќето случаи, како дел од младинските форуми на политичките партии, често најмногу допринесуваат за партиите за време на политичките избори, но истовремено имаат многу мала моќ во процесот при одлучувањето во самите партии, што потоа се одразува и во државните институции“, рече Влора Речица.

Бленди Ходаи, граѓански активист и студент, рече дека ниската застапеност на младите на листите на кандидати за градоначалници има огромно влијание врз формирањето на убедувањето кај младите луѓе, бидејќи кај нив создава апатија, за потенцијалната можност во иднина да се вклучат во политичка активност. Според него, со тоа младите ја губат самодовербата да развијат политичка и јавна кариера, и да бидат дел од институциите каде се донесуваат одлуки.

Лука Павичевиќ, претседател на Унијата на средношколци, рече дека на овие локални избори, партиите уште еднаш покажаа колку ги ценат младите луѓе. Според него, иако гледаме дека споменувањето теми за младите во политичките програми и говори е зголемено, самата статистика ја разоткрива празната реторика. Истакна дека скандалозно ниската застапеност на младите, на градоначалничките листи, не само што влијание негативно врз политичкото убедување и вклучување на младите како најширока општествена група, туку ваквата (не)застапеност најмногу ги погодува младите кои се веќе членови на политички партии.

„Секоја партија има младински форум. Мислам дека младите членови треба да се запрашаат – каде се младите? Зошто не се промовираат во кандидати? Дали е нивната единствена работа да поставуваат плакати или се млади политичари коишто само ја започнуваат својата кариера?“ рече Лука Павичевиќ.

Без младина нема демократија

„Демократија без млади луѓе не постои. Основниот постулат на демократијата е дека сите граѓани треба да бидат подеднакво вклучени. Што се однесува до младите, ова во моментов не се случува. Локалните власти главно работат на прашања што директно ги засегаат граѓаните и претставуваат помало население, и се претпоставува дека тие ќе бидат поотворени за соработка со граѓаните. Дали младите може да бидат повеќе вклучени ако сите претставници на општината не припаѓаат на нивната група?“ рече Лука Павичевиќ.

Влора Речица како пример го спомена Законот за млади донесен во 2020 година, според кој секоја општина треба да има младински совет. Според неа, сите општини не го направиле тоа, а ја додава важноста од вклучувањето на младите во политичките процеси.

„Во земјите каде што има мала застапеност на младите на позиции за одлучување – имате демотивирана младина која сака да ја напушти земјата, имате закони кои не ги задоволуваат потребите на младите или оние што не се спроведуваат од надлежните органи и имате хибриден политички систем каде што секој глас на разумот на младите се замолчува од самиот почеток“, рече Бленди Ходаи.

Младите „Приоритет“ во говорите на политичките партии и последни на дела

Влора Речица истакна дека за жал, често младата возраст се поистоветува со искуство и ниско ниво на знаење, што на некој начин може да се класифицира како дискриминација кон младите, бидејќи без оглед на искуството, нивните потреби мора да се решат.

„Голема е потребата мислењата и предлозите на младите да бидат вклучени во програмите на политичките партии и во нивните листи да има процент млади луѓе. На тој начин, политиките што ќе се креираат, во овој случај, во општините, ќе имаат визија за младите луѓе, бидејќи нивните потреби се движат од рекреативни објекти до културни центри каде што ќе можат да ги развијат своите потенцијали и интереси“ рече Влора Речица.

„Изборните кампањи се одраз на фактот дека младите се само пропагандна машинерија за собирање гласови, но не и за позиции при одлучување. Повикувањето во име на младите, од речиси пензионирани лица, не е ништо повеќе од лажен популизам за купување гласови, бидејќи тие ги гледаат младите како потенцијал за постигнување на нивните цели. Зошто се случува? Од две причини: незаинтересираноста на младите и поради ‘комплексот на власта’ на оние кои се на власт, и се плашат да им дадат можност на младите луѓе, бидејќи најверојатно ќе ги загубат своите позиции“, рече Бленди Ходаи.

Лука Павичевиќ вели дека реториката на партиите се само бесмислени фрази, бидејќи иако зборуваат за млади луѓе, не им веруваат на младите.

„И не само младите генерално, туку не им веруваат на своите сопартијци. Ако имаат млади во партиите, зошто да не ги номинираат како партиски кандидати? Младите во партиите ќе мора да станат независни и да го зајакнат својот глас и внатре во партијата и надвор во јавноста. На лидерите на партиите треба да им биде јасно дека ако партиите не се отворени за младите, тогаш тие ќе најдат други начини да бидат политички активни, преку неформални групи, активизам, иницијативи, движења и слично“, вели Павичевиќ.

Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери на 7 август ги прогласи локалните избори што ќе се одржат на 17 октомври. Предизборната кампања уште трае и треба да заврши на 15 октомври, кога на полноќ започнува изборниот молк, додека вториот круг за кандидати за градоначалници ќе се одржи на 31 октомври, конкретно во општините каде што нема да има победник по првиот круг на гласање.