Во декември вети дека ќе биде пуштена во употреба во јануари, а сега, кога јануари привршува, директорот на зимскиот центар „Попова Шапка“, Живко Алексовски за Порталб.мк вели дека жичарницата со шест седишта во Попова Шапка ќе биде пуштена во употреба на почетокот на следниот месец. Според директорот, тие во моментов чекаат вработените од компанијата „Леитнер“ Италија, да дојдат и да ја стават жичарницата во функција, пишува Порталб.мк.

„Процедурата за пуштање во работа на жичарата со шест седишта е во тек, сите наши подготовки се при крај, во моментов чекаме да дојдат вработените од Италија да ја пуштат во функција, а тоа ќе се случи на почетокот на февруари“, вели Живко Алексовски.

Два дена пред почетокот на туристичката сезона во Попова Шапка, директорот Живко Алексовски за Порталб изјави дека е 99 отсто сигурен дека со отворањето на сезоната жичарницата ќе започне со работа, но тоа не се случи.

„Да, жичарата во Попова Шапка 99 отсто ќе функционира“, рече тој.

Имајќи предвид дека тоа не се случи, Алексовски се правдаше со „технички проблеми“.

„Во моментов, жичарата со шест седишта не е во функција, мислам дека по Нова година и во текот на јануари треба да биде пуштена во употреба“, рече Алексовски на 25 декември.

На 4 јануари, на прес-конференција, министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека ќе бара одговорност од надлежните органи за тоа што на жичарницата не функционира. Но на новото прашање од Порталб.мк зошто жичарницата со шест седишта во Попова Шапка не работи, од министерството не одговориле.

Нефункционалната жичарница ги чинеше граѓаните 581 милиони денари или 9,5 милиони евра. Договорот за изградба на жичарницата беше потпишан на 10 март 2014 година, а таа беше свечено пуштена во употреба минатата година.