fbpx

Порталб.мк: За 11 пати зголемен негативниот природен прираст, и селата влегоа во негативна зона [инфографик]

-

Освен Скопскиот регион, во сите останати седум плански региони лани е регистриран драматичен негативен тренд на природниот прираст на населението, што значи намалување на бројот на новородените, а пораст на смртните случаи, пишува „Порталб.мк“. Според демографите, ова е последица на здравствената криза која резултираше со речиси 5.500 смртни случаи од ковид-19 и поради која државата беше затворена и внатре и од надвор. Во 2020 година, статистиката покажа пад на наталитетот и пораст на морталитетот на ниво на државата.

Пандемијата го зема својот данок и во демографијата
Во кризната 2020 година статистиката измери драматичен пад на природниот прираст на ниво на државата, од минус 6.724 лица. За разлика од 2019 година, лани и селските општини влегле во зоната со негативен природен прираст.

Според аналитичарите по статистика и демографија, овие податоци покажуваат дека здравствената криза удри и по демографската структура во земјава.

„Имавме пандемија која силно се одрази врз негативниот прираст и овој тренд ги зафати и селските средини, ова значи дека и тие се соочија со проблемот на зголемен морталитет, а намален наталитет. Би посочил два фактора – прво големата смртност поради ковид-19 и второ, ограничувањата во движењата што ги имавме. На луѓето им беше ограничено, па дури и забрането да патуваат, немаше миграции кои исто така се фактор кој влијае врз наталитетот “, вели за „Порталб.мк“ , демографот Дончо Герасимовски, еден од поранешните директори на Државниот завод за статистика.

А, што покажува најновата статистика? Во 2020 година само во Скопскиот регион е регистриран позитивен природен прираст од 36 лица. Најголем негативен прираст од скоро 2.000 лица има во Пелагонискиот регион.

Еден од факторите кои детерминираат вакво негативно движење беше ограничената миграција. Така, лани се регистрирани 2.920 отселени и доселени лица, додека во 2019 таа бројка изнесувала 3.174 лица. Демографите велат дека ваквиот тренд на негативен природен прираст продолжува и годинава, во првиот економски квартал, освен во неколку општини како Арачиново, Желино, Липково.

„Дефинитивно, 2020 е една карактеристична година во која се забележува негативен демографски тренд. Кај нас и годинава, според првичните податоци, околу 70 општини се соочуваат со негативен природен прираст. Ова е проблем не само за Македонија, туку и за регионот. Во Србија на пример негативниот природен прираст во првите четири-пет месеци изнесува 43.000 и очекувам дека оваа бројка значајно да се зголеми до крајот на годинава. Состојбата е влошена и во Бугарија каде морталитетот е во пораст, а наталитетот во опаѓање. Ова се случува подолг период, а пандемијата само ја влоши состојбата“, анализира Герасимовски.

Во пандемската 2020 година, морталитетот е во пораст, а наталитетот во пад. Така лани биле регистрирани 19.031 живородени деца, што е за 4,1 отсто помалку во однос на 2019 година. Во изминатите седум години, или од 2014 наваму, секоја година е регистриран намален број на живородени деца. Во 2014 година имало 23.596 живородени деца.

Најголем број на живородени лани од скопските општини, регистран е во општините Чаир и во Аеродром, а повеќе од 1.000 живородени деца имало само во општина Тетово. Од друга страна, статистиката покажува дека лани бројот на умрените лица е зголемен за 26 отсто во однос на претходната година и изнесува 25.775 починати.

Трендот на иселување, особено на помладата популација, според аналитичарите, останува клучен фактор кој и натаму ќе ја менува демографската карта на земјава, со очекувани последици, намалување на природниот прираст на населението во државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нема решение за повеќе од 75 oтсто од вработените постари од 46 години во јавните претпријатија

Во земјава се регистрирани 159 јавни претпријатија кои се формирани од различни нивоа на власт, Собранието, Владата, општините и град Скопје. Најголем број, 143, се основани од град Скопје...