Гасификација фото: Порталб
Гасоводот кон Тетово | Фото: Порталб

Изградбата на гасоводната мрежа од Скопје, до Тетово и Гостивар, сѐ уште трае, но не со исто темпо како на почетокот од овој проект, бидејќи оптимизмот е намален, а рокот ветен од надлежните органи е поминат, пишува Порталб.мк.

Од Министерството за транспорт и врски за Порталб.мк велат дека од вкупно 86 километри, досега е инсталирана мрежа во должина од 53 километри. Тие се оптимисти дека оваа работа може да заврши до крајот на годината.

„Досега е инсталирана мрежа со цевки во должина од 53 километри, вкупната должина на овој проект е 86 километри, односно досега се реализирани 75 отсто. Согласно планот за динамика, се очекува годинава да заврши изградбата на гасификација Скопје – Тетово – Гостивар“, истакнаа од ова министерство.

Новинарите на Порталб се обидоа да контактираат со Општина Тетово во врска со ова прашање, но оттаму не сакаа да коментираат.

Едно од главните ветувања на актуелната градоначалничка Теута Арифи, врз основа на физибилити студијата која ја чинеше општината 6 милиони евра, беше гасификацијата на градот. Според оваа студија, прво се планира гасификација на училиштата, а потоа и на целиот град, вклучително и домаќинствата.

Од Општина Тетово во текот на 2018 година изјавија дека им било ветено дека работите околу гасоводот ќе завршат во текот на 2020 година.

„Според разговорите што ги водевме, нормално неофицијални, со директорот за енергетски ресурси, тие се оптимисти дека Тетово ќе биде вклучено во главната траса. Со работата е стигнато до гостиварска страна, и има голем оптимизам дека до 2020 година, овој прашање ќе биде затворено“ изјавија од Општина Тетово, за весникот КОХА во 2018 година.

Од друга страна, Општина Тетово ги нема исполнето своите задолженија за овој процес, а тоа е формирање на јавно претпријатие за гасификација. Бидејќи, секој град што е вклучен во процесот има свое претпријатие, а централната компанија е во Скопје.

Покрај тоа, во 2019 година директорот на Енергетски ресурси ма РСМ, Бајрам Реџепи, вети дека на крајот на 2020 година граѓаните на полошкиот регион ќе бидат снабдени со природен гас. Но, тоа не се случи.

„Гасификацијата ќе заврши во првата половина на следната година, во втората половина од годината ќе бидат направени тестирања, согласно стандардите за гасификација. Значи, на крајот на следната година ќе ја завршиме целата постапка за ставање во функција на овој гасовод и целиот полошки регион ќе може да се снабдува со природен гас“, изјави Бајрам Реџепи во декември 2019 година.

Инаку, Владата обезбеди 90 милиони евра за гасоводната мрежа долга 204 километри. Еко активистите постојано повикуваат природниот гас да се донесе во полошкиот регион, со оглед дека тоа е еден од најзагадените региони во земјата.

Иако беше едно од главните ветувања на градоначалничката Теута Арифи, шансите гасификацијата на Тетово да заврши во преостанатите месеци од мандатот, се мали. Денес, во средината на април 2021 година, од Министерството за транспорт и врски велат дека поголемиот дел од обврските се завршени, но дека сепак сè уште има работа.