Порталб.мк: Првите потфрлања во однос на владиниот документ „Европа дома“

Фото: Christian Lue on Unsplash

Почнаа првите пробивања на роковите од агендата „Европа дома“ на Владата на РСМ. Еден рок е пречекорен поради политичките пазарења, а неколку поради одолговлекувања од самите институции. Порталб.мк ги анализира целите и причините за непочитувањето на роковите.

Првото поголемо потфрлување во оваа агенда е поништувањето и одложувањето на пописот на населението. Како што било планирано во овој владин документ, рокот за спроведувањето на овој важен процес требаше да биде април. Меѓутоа, со политичките пазарења Заев и Мицкоски, без консултирање со партиите на Албанците, одлучија да го одложат овој процес, за којшто самиот премиер изјавуваше дека ако не се спроведе сега, може воопшто да не биде спроведен. Партиите на албанскиот блок, од друга страна, не беа воопшто виновни за одложувањето или неодложувањето на овој процес. Заев, преку еден телефонски разговор го извести Ахмети за одлуката што ја донеле со Мицкоски, а лидерот на ДУИ само го даде својот „амин“. Никакво спротивставување, никаква дебата. Така, пропадна една многу, многу значајна точка од Агендата „Европа дома“.

Предлог-законот за буџети. Скриншот од ЕНЕР

Друг датум што е пречекорен во оваа Агенда, е тој за усвојувањето на Законот за буџетите од Собранието, што подразбира спроведување на законската рамка за отчетност и контрола врз трошењето на јавните финансии. Овој нацрт-закон ги помина сите фази, но сé уште не е усвоен од Собранието. Неговото усвојување беше предвидено да се случи во март. Нацрт-законот е објавен во електронскиот регистар ЕНЕР, но не и на веб-сајтот на Собранието. На ЕНЕР пишува дека рокот за изготвување на законот е од 10.03.2020 до 31.03.2020. Меѓутоа, дури и една година и два месеци по овој рок, законот не е прикачен на собранискиот веб-сајт.

Во март, како и за донесувањето на Законот за буџетите, во документот „Европа дома“ за донесување беше планиран и предлогот за изменување и дополнување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Овој закон, според собранискиот веб-сајт, го поминал првото читање и е предложен за натамошно читање, односно сé уште не е донесен. Законот е поднесен во декември 2019 година од Министерството за финансии, тогаш предводено од Нина Ангеловска. Во декември минатата година, актуелниот министер Фатмир Бесими во јавната расправа по предлог-законот рече дека со новиот закон за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор ќе се создаде нов систем на одговорно раководство во финансиското управување и контрола на институциите во јавниот сектор.

Друга важна точка од овој документ е нацрт-програмата за усогласување со правото на ЕУ, како и ревизија на механизмот за управување и координирање на преговорите за прием, за неговото усогласување со новата методологија на преговори на ЕК. Во оваа точка, Владата се обидела да го почитува предвидениот рок. Меѓутоа, оваа нацрт-програма, наиде на бројни критики од невладиниот сектор. Злате Попоски, специјалист за анализи, изјави дека системските анализи се неопходност, но за тоа е потребно знаење. Како што се изрази тој, никаде не видел знаења коишто на емпириски начин докажуваат дека е така како што е напишано.

„Сите тие се вербални заклучоци, преземени copy paste. Шефот бара вака, другиот бара така, но ова не поминува во Европа. Европа бара основа, содржина и имплементација. Секој министер да знае што недостасува во неговиот ресор“, изјави Попоски.

Од друга страна Ардита Абази од Институтот за европска политика, изјави дека предизвик останува јазикот на кој документот е напишан. Според неа, треба да се избегнуваат фразите дека Собранието ќе продолжи со заложбите за усвојување на законите по скратена постапка, бидејќи тоа беше и критика во извештајот на ЕК
Според неа, недостига јасна стратегија во однос на многу прашања како корупцијата, жртвите на насилство и родовата рамноправност.

Инаку, документот „Агенда-Европа дома“, Владата на Северна Македонија го објави на 9 март и во него се наведени целите, чекорите и акциите за изборната реформа, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и други области. Овој документ, освен што претставува збир на акции и реформи што требало да се спроведат од надлежните институции, не се смета како некоја посебна новина. Тоа се работи коишто Европската комисија со години ги бара од нас за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа што се очекуваше да се види од Агендата е дали ќе бидат запазени роковите за исполнување на овие цели коишто почнуваат од март до декември оваа година. Но, од почеток е очигледно дека овие рокови остануваат само на хартија.