Започнаа градежните работи за изградба на хидроцентралите на Шар Планина. И покрај фактот дека е прашање на денови кога Шара ќе се прогласи за национален парк, седумте хидроцентрали кои веќе започнаа да се градат, ќе бидат изградени. Порталб.мк ова го дозна од директорот за Управата за животна средина, Хисен Џемаили. Според активистот Садик Абдирахими, хидроцентралите за кои вели дека се деструктивни за планинскиот туризам, ги градат олигарси поврзани со владејачките партии. Тој додаде дека многу реки на Шара се уништени со оваа изградба.
Абдирахими од „Пеактрип“ нагласи дека во моментов се уништува планинскиот туризам, и истакна дека граѓанското општество е немоќно пред, како што вели, партиските олигарси кои одлучуваат за иднината на земјата.
„Со напредокот во изградбата на малите хидроцентрали се случува масовно уништување на развојниот потенцијал на еко-туризмот и на алтернативниот туризам во планинските села и во околината на Тетово. Сведоци сме на оваа катастрофа но, за жал, недоволно сме силни да воведеме правда против партиски олигарси кои одлучуваат за „светлата“ иднина на новите генерации, ориентирајќи ги кон Запад“, истакна Абдирахими.
Тој додаде дека со изградба на една мала хидроцентрала неодамна е уништен главниот извор на вода за Тетово „Лешница“. Според него, ова ја минимизира желбата на туристите да го посетат тоа природно богатство.
Првично се уништија многу реки на Шара, а потоа се зафати главниот извор на вода за пиење за Тетово, главната жила „Лешница“, со изградба на хидроцентралата.
„Исто така, ја угасија и желбата на многу планинари да го посетуваат овој предел. Еден факт околу овој бисер е дека минатата година нашето планинарско друштво организираше 3 настани до Лешница со учество на 300 луѓе, а секој викенд пред изградбата на хидроцентралата местото го посетуваа повеќе странски туристи“, додаде Абдирахими.
Има опасност од загадување на водата за Тетово од малите хидроцентрали што се градат на Шар Планина, беше предупредено од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, пред една година.
И покрај фактот дека Шар Планина чека да биде прогласена за заштитено подрачје, на неа се градат седум мали хидроцентрали, за Порталб.мк потврди директорот на Управата за животна средина, Хисен Џемаили.
„Хидроцентралите што се градат и кои се во напредна фаза и ќе бидат изградени. Станува збор за 6 или 7 хидроцентрали. Откако ќе заврши изградбата на овие, нема да се градат други хидроцентрали во Шара“, рече Џемаили.
Џемаили тврди дека малите хидроцентрали не ја загрозуваа водата за пиење и дека пред да се добие одобрение за изградба на хидроцентралата, се зема мислење од некои институции.
„Пред да се издадат дозволи за хидроцентрали се добиваат мислења од општините дали истите ја загрозуваат водата за пиење. Сите овие хидроцентрали што се градат и се изградени, ниту една не ја загрозува водата за пиење. Пред изградбата, има голем број институции кои даваат свое мислење и согласност, постојат посебни услови, а 30 отсто од количината на водата мора да продолжи да тече, и тоа се нарекува биолошки минимум“, рече Џемаили.
Потсетуваме дека во текот на оваа година Тетово неколку пати се соочуваше со недостиг на вода за пиење, а причините за ова беа различни и категорично беше негирана можноста малите хидроцентрали да се главниот фактор.
Прогласувањето на Шара за заштитено подрачје се очекува кон крајот на овој месец.
Со години се дискутира за прогласувањето на Шара за национален парк, а оваа постапка значително се забрза во последните месеци, при што во февруари беше добиена согласност од владата, Шара да се прогласи за заштитено подрачје. Во текот на април и на мај, овој закон помина две читања во Парламентот и беше добиена согласност од мнозинство гласови.
Џемаили вели дека овој закон ќе биде донесен најдоцна следната недела.
„Законот во моментов е во собраниска процедура, сега сите дебати се исцрпени и пратениците гласаа на две седници. Можеби овој петок или најдоцна следната недела, законот ќе биде изгласан од пратениците“, рече тој.
Чинот на прогласување на Шара за Национален парк не значи „крај“, тука според Метин Мухареми, започнува предизвикот.
Според Метин Мухареми, од „Пријатели на Шара“, најголемиот предизвик за Шар Планина ќе биде изготвување на планот за управување во следните три години. Тој ги покани сите локални жители кои имаат нејаснотии, да се вклучат во процесот на изготвување на овој план.
„Работата не завршува само прогласување на Шара за национален парк, бидејќи сметаме дека предизвикот по прогласувањето на заштитеното подрачје, ќе биде да се подготви план за управување во следните три години. Затоа, апелираме до сите страни да се вклучат во овој процес и да дадат свое мислење. Значи, сите овие неизвесности и предизвици да бидат ставени на хартија и вториот чекор по објавувањето ќе биде многу отворен процес каде што сите ќе имаат можност да придонесат и да дадат свои мислења“, рече Муареми.
Тој додаде дека како платформа и граѓанското општество кое во текот на годините се занимава со ова прашање, така и ќе продолжи со надгледување и следење на работата на институциите.
Инаку, во моментов заштитените подрачја во Северна Македонија зафаќаат само 9 отсто од територијата, а со прогласувањето на Шар Планина за национален парк, овој процент ќе се зголеми на 11 отсто. На Шара има вкупно 28 езера и многу други природни ресурси.