Порталб.мк: ЈП „Градски паркинг“ Тетово во вториот обид успеа да обезбеди банкарски заем од 100.000 евра

-

На вчерашната седница на Советот на општина Тетово одобрен е заем од 6 милиони денари (околу 100.000 евра) на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во Тетово, постапка што на претходната седница не беше изгласана поради немање кворум. Одлуката не беше поддржана од опозициските советници. Горан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ бараше смена на директорот или на некој друг од ова претпријатие поради последователни неуспеси. Критики имаше и од советниците на Алијанса за Албанците, пишува „Порталб.мк“.

Садат Алили, директорот на ова претпријатие ја оправда апликацијата за заем со загубите со кои се соочи оваа компанија поради, како што вели, пандемијата со корона вирусот, поради што беа принудени да не работат воопшто цел месец и како резултат на тоа да нема воопшто приходи.

Садат Алили

„Од април, 27 дена не работевме поради вонредната состојба при што нашите приходи беа намалени за 90 отсто. И ние зависиме од граѓаните, ако излезат во град и пратат порака за паркирање. Ако мислите дека лошо управуваме, тоа е друга работа, мислам дека треба да му помогнеме на претпријатието во оваа ситуација. Бараме помош за да ја надминеме оваа ситуација, не знаеме во следните месеци каква ќе биде состојбата со пандемијата“, рече Садат Алили, директор на ЈП „Градски паркинг“.

Наспроти ова, „Порталб.мк“ обезбеди документ што докажува дека ова претпријатие работело со загуба и кога немало пандемија. За да објасни зошто не е во право гореспоменатиот директор, советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Јовановски, го истакна принципот дека секој што не покажува резултати во работењето, прво добива опомена, а потоа мора да си замине. Јовановски на овој начин директно побара смена на директорот или на некој друг од управата на ЈП „Градски паркинг“ во Тетово.

„Го молам директорот да образложи зошто го бара овој заем, за да му помогнам малку. Во компанијата каде што работам, ако не работиш добро, прво добиваш усна опомена, потоа во писмена форма и на крај те бркаат. А, пак според вашиот извештај кој беше многу негативен и во двата квартала во минус, како и со долгот од околу 3 милиони денари, тие веднаш би биле отпуштени. Или Вие или некој од вашиот персонал мора да си замине“, рече Јовановски.

Во меѓувреме, според советникот од редовите на Алијансата за Албанците, Ариф Селами, барањето за заем нема смисла, бидејќи оваа претпријатие не бележи приходи, туку само трошоци.

„Претпријатието за паркинзи функционира со своите недостатоци, ние реагиравме затоа што работи со загуба и е претпријатие кое само троши и не дава приходи, бидејќи таму нема големи инвестиции, освен некои трошоци за основно одржување. Нема смисла да се земе заем за претпријатие кое мора да биде профитабилно “, рече Селами.

Ариф Селами

Потсетуваме, ЈП „Градски паркинг“ на претходната седница на Советот на општина Тетово побара заем, но барањето не беше изгласано од повеќето советници. Во финансискиот извештај од првиот квартал на 2020 година се забележува дека најголем дел или 85,59 отсто од трошоците одат на плати на вработените, што преведено во бројки, изнесува вкупно 4,6 милиони денари.

Иако бара заем со пари од граѓаните на Општина Тетово, директорот на ЈП „Градски паркинг“, Садат Алили, не смета дека е разумно да одговори на прашањата на новинарот на „Порталб.мк“ за точниот број на вработени.

Сепак, неофицијално дознаваме дека во ова претпријатие се вработени 72 лица, од кои 9 се со договор на дело. Ако го земеме ова здраво за готово, излегува дека секој вработен ги чини граѓаните на Тетово околу 500 евра месечно или вкупно околу 25.000 евра месечно.

Инаку, ова е второ јавно претпријатие во Тетово за кое општинскиот совет одобри  заем од банка. Во септември, Советот одобри ЈП „Тетово“ да земе заем од банка за да ги исплати вработените, а станува збор за заем од 26 милиони денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина врати 103 воини од руско заробеништво

Украина успеа да врати уште 103 воини од руско заробеништво, пренесе агенцијата Украинформ. Претседателот Володимир Зеленски денеска напиша на Телеграм дека во Украина се вратиле 82 војници и 21...