Решавањето на проблемот со паркинзите во Општина Чаир е уште едно од ветувањата што градоначалникот на оваа општина Висар Ганиу го даде за време во предизборната кампања, а кое не е реализирано, пишува Порталб.мк.

Во својата предизборна програма „Договор“, Ганиу вети обезбеден буџет од 1.156.293.957 денари (околу 18 милиони евра) за изградба на 4 катни гаражи на територијата на оваа општина. Иако остануваат уште 8 месеци до крајот на неговиот мандат и до редовните локални избори, Ганиу не исполни ништо од дадените ветувања.

Порталб.мк посети две локации каде беше предвидено да се градат катни гаражи. Кај паркингот пред „Чаирчанка“ беше предвидено да се гради катна гаража, за што беше ветен буџет од 81 милиони денари, а тоа место и понатаму е само обичен паркинг што не ги задоволува потребите на жителите на оваа населба. И паркингот кај Албанскиот театар, каде беше ветена катна гаража и на располагање беше буџет од 112,4 милиони денари, (1,8 милиони евра) останува ист како што го најде Ганиу. Покрај тоа, градоначалникот на Чаир вети и регулирање на паркинзите пред зградите во територијата на оваа општина.

Во интервју за Порталб.мк во 2018 година, Ганиу, исто така, вети дека за становите во близина на маркетот „Принц“ ќе има два подземни паркинга. Сепак, три години подоцна, на ова прашање поставено од Порталб.мк, пред некое време од општината негираа дека тој ветил такво нешто.

„Најнапред, во близина на „Принц“ не е ветена изградба на подземни паркинзи. А, во врска со паркирањето, на територијата на Општина Чаир веќе се изведуваат работи за проширување на местата за паркирање, со што се зголемува сегашниот капацитет за паркирање, таму каде постои објективна потреба. На пример, на улиците „Благоја Паровиќ“ и „Методија Митевски“ реализиравме такво нешто, со што го елиминиравме овој проблем за многу жители. Во моментов работи се изведуваат и во улицата „Никола Грчето“ бр. 4“, се вели во одговорот од Општина Чаир.

Порталб.мк ја посети улицата „Благоја Паровиќ“ во населбата Топанско поле. И тука до денешен ден, возилата се паркираат на тротоари и на улица.