Сообраќаен метеж на Попова Шапка. Фото: Фејсбук-група „Да ја спасиме Попова Шапка“, 16 јануари 2022

Бројни автомобили и граѓани од земјава и регионот изминатиот викенд го блокираа патот Тетово – Попова Шапка. Се створи колона возила од околу седум километри, од селото Лисец до туристичката атракција, која за жал е запоставена и од централните и од локалните власти. Решението за сообраќајниот хаос граѓаните го гледаат во враќање на жичарницата Тетово-Попова Шапка, која работеше од 1962 до 2001 година, пишува Порталб.мк.

Туристите кои ја посетија Попова Шапка, мака мачеа за да стигнат до туристичката дестинација откако се соочија со колона автомобили долга неколку километри, но и со автомобили паркирани покрај патот, со хаос што се повторува секој викенд, со оглед на недостигот на инвестиции и развој на инфраструктурата.

Според директорот на Елем Турси, Адем Авзиу, Попова Шапка го достигна врвот на посетители за оваа сезона.

Во оваа прилика повторно излегоа на виделина проблемите за кои граѓаните постојано се жалат – недостиг на инвестиции, паркинг места, нечистотија и хаос.

„Секоја година се повторува истото, државата се откажа од оваа место, нема инвестиции. Меѓутоа, ние ќе доаѓаме, редовно ќе доаѓаме затоа што ова е наше природно богатство, го сакаме иако е запоставено“, рече еден граѓанин.

„Итно се потребни нови паркинзи за да се ослободи патот затоа што кога доаѓаме повеќе време минуваме на пат отколку таму горе. Или нека ја поправат жичарницата. Мора да се најде решение бидејќи вака не оди повеќе“, вели друг граѓанин.

Реакциите на посетителите беа придружени и со коментари на социјалните мрежи, коишто споделуваа фотографии од хаосот со критики кон властите.

Од „Да ја спасиме Попова Шапка“ велат дека „Попова Шапка ја спасува само жичарата Тетово-Попова Шапка, при што туристите нема да имаат потреба да се качуваат до горе со возила, и така не би се блокирал патот, а туристичкиот центар би бил пофункционален“.

За метежот што се создаде реагираше и градоначалникот на Тетово кој рече дека заедно со неговиот тим бараат решение за овој проблем.

„Како дел од решението е предвидена и реконструкција на градската жичара, нашиот симбол „Тетово – Попова Шапка“. Ги повикувам на соработка и институциите на централната власт, и граѓанското општество и сите други да помогнат во изработката на деталниот урбанистички план. Исто така, како дел од планот за 2022 година, предвидена е и изградба на катна гаража на Попова Шапка, со што би се создале над 900 паркинг места“, рече Билал Касами, кој ја ветуваше жичарницата и за време на предизборието.

Кога е за фотографирање, како на пример при пуштање во употреба на ски лифтот со шест седишта или кога се активираа рефлекторите, целиот владин кабинет и партиски функционери се нафрлија на Попова Шапка, но кога треба да дадат отчет, велат дека не се надлежни, пишува Порталб.мк

„Ве молиме контактирајте со раководството на Елем турс“, ни рекоа од Министерството за економија иако раководителот на овој сектор постојано промовира активности во Попова Шапка.

Што се однесува до каде се работите со ветениот проект, директорот на Елем, Адем Авзиу рече дека за оваа година се планира изработка на идејниот проект за жичарата Тетово-Попова Шапка.

„Откако ќе помине планот за јавни набавки, ќе го објавам повикот за пријавување на компаниите кои можат да го изработат идејното решение за жичарата Тетово-Попова Шапка. Само што ќе поминат процедурите за усвојување на планот за јавни набавки, ќе го објавам огласот во што е можно најкраток рок. Тоа е поголем проект, бара време, бара повеќе финансиски средства и бара подолг период на реализација, кој има свои компликации при изведбата на теренските работи“, рече Авзиу.

Да потсетиме дека оваа жичара е изградена во 1962 година, кога почна со работа првиот дел до Лисец, во должина од 3.209 метри. Три години по пуштањето во употреба на жичарата Тетово-Лисец, во 1965 година е пуштен во употреба вториот дел Лисец-Попова Шапка долг 2.991 метар. Жичарницата имаше 100 кабини, со капацитет од 400 луѓе. Времето на патување беше 40 минути.

Од 2001 година жичарницата е уништена и не е во функција. Таа е „заложник“ на предизборните ветувања, на секоја политичка партија, на секој изборен циклус, пишува Порталб.мк.