fbpx

Порталб: Кривични пријави против 14 превозници без лиценци во Тетово, „легалните“ автобуси никаде ги нема

-

Во Општина Тетово продолжува акцијата за казнување на нелегалните превозници. Во рок од околу еден месец, 14 лица беа фатени од полицијата како превезуваат патници, без дозвола за дејност. Потсетуваме, дека друго решение за превоз на патници од околните села нема, пишува „Порталб.мк“.

Лицата кои биле фатени како нелегално ја вршат оваа активност, живеат во околните тетовски села, како и во градот. Против нив ќе бидат поднесени кривични пријави за вршење работа без поседување лиценца:

„Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ќе има кривични пријави против лицата: Х.И. (60), Б.В. (55), С.П. (60) сите тројца од Тетово, И.О. (31), Б, Б (47), двајцата од село Пирок, Ш.И. (59) од село Палчишта, С.Е. (34) од село Деберц, М. М. (53) од село Палчишта, М.М. (30) од село Калник, О, М (20) од с. Непроштено, Б, М (48) од село Беловиште, Д, В (58) од село Рогачева, Л, К (53), С, И (38) од Голема Речица и Н.Н. (58) од село Боговине“.

Од Секторот за внатрешни работи во Тетово информираа дека акцијата за наоѓање лица кои незаконски ја вршат оваа активност започнала од крајот на септември годинава и завршила пред една недела.

„Од 29 септември до 3 ноември оваа година имавме зајакнати контроли со цел да се утврдат неправилности во јавниот превоз, при што се заклучи дека горенаведените лица во улога на возачи, вршеле јавен превоз, без да имаат соодветни дозволи за превоз на патници“, изјавија од Секторот за внатрешни работи (СВР), Тетово.

Зошто во Тетово има ваков вид превоз?

За жителите од околните села на Општина Тетово, а особено за студентите единствен спас за обезбедување превоз во последните години беа комбињата, кои во секое време се присутни на секој агол од градот.

Овие возила обично не се технички безбедни и се многу опасни за ширење на корона вирусот, со оглед на фактот дека се мали, така што физичкото растојание помеѓу патниците е невозможно. Сепак, тоа е единственото решение за тетовци.

„Живеам во село не многу близу до Тетово, каде студирам. Не, немаме јавен превоз со фиксен возен ред, затоа секое утро се будам и излегувам на улица да чекам комбе за да стигнам на предавања навреме, но има и случаи кога доцнам бидејќи возниот ред на возилата не е прилагоден со предавањата, исто така, зимно време е студено, чекаме надвор, не само јас, туку има и многу други студенти како јас“, изјави студентот Фисник Џемаили пред неколку недели за „Порталб.мк“.

Што велат возачите на комбињата?

Возачите на нелегалните комбиња во Тетово се подготвени секојдневно да се соочуваат со казни од полицијата, но не и да ги регистрираат своите деловни активности. Еден од нив, кој сакаше да остане анонимен, рече дека има десетици казни дома и не планира да го регистрира својот бизнис.

„Многу често сум казнуван, имам многу казни дома, но не ги плаќам и немам намера да го регистрирам мојот бизнис. Државата која во моментов нè казнува, затоа што не сме регистрирани, мора да обезбеди да кога ќе се регистрираме, да има сметка, а не целиот профит да ѝ го даваме на државата“, рече еден од нив.

До каде е постапката за обезбедување автобуси за јавен превоз во Тетово?

Денеска е предвидено да заврши постапката за јавен повик на компаниите што ќе го снабдат Тетово со градски автобуси, односно денеска ќе се отворат доставените понуди, по што се очекува да биде избрана компанијата од каде ќе се набават автобусите.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи вели дека пред Нова година целосно ќе се финализира постапката за набавка на автобуси во Тетово.

„Во тек е постапка за снабдување, а имавме постапка која се повтори поради оценките на комисиите и советниците на Светска банка, сепак сметаме дека до пред Нова година, целиот процес на снабдување ќе биде завршен, а во меѓувреме се спроведува целосно комплетирање и пуштање во функција на јавното сообраќајно претпријатие, кое потоа ќе управува со процесот на работа на овие автобуси, и тоа е проект кој со помош на Светска банка и целосна посветеност на нашата администрација и администрацијата на Светска банка ќе биде за доброто на граѓаните“, рече Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Потсетуваме дека, општина Тетово и последниот пат стигна до оваа фаза, а потоа потфрли, со образложение дека ниту еден од понудувачите не ги исполнил условите за да го добие тендерот.

Ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде во првиот мандат во Програмата за локални избори од 2013 година „Градиме заедно“, а истото го повтори и во дебатата организирана од „БИРН Косово“ и „Порталб.мк“ во октомври 2017 година. Ова ветување на Арифи не е исполнето.

Од друга страна, Општина Тетово во септември годинава по втор пат го основа јавното сообраќајно претпријатие „Тетово Транспорт“, бидејќи првото не беше ставено во функција, и поради законски рокови за функционирање истото автоматски престана да работи, а на последниот состанок на Советот на општината беше изгласан статутот на актуелното претпријатие.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...