Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, се надева дека новиот обвинител на Вишото обвинителство Скопје ќе продолжи со случајот, откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) реши дека нема да истражува по тужбата поднесена од општина Тетово против поранешната градоначалничка Теута Арифи за договорите на дело склучени додека таа беше на чело на општината. Јавното обвинителство не соопштува никакви детали околу тоа како ќе се постапи по предметот поднесен од Касами, пишува Порталб.мк.

На прашањето на Порталб.мк во која фаза е предметот покренат против поранешната градоначалничка Арифи, Касами рече дека се надева оти има надеж по изборот на  новиот обвинител на Вишото обвинителство.

„Сè уште немаме одговор. Веруваме дека Вишото обвинителство, сега со нов обвинител, нема да ја повтори истата грешка и нема да постапи како во првиот случај на Обвинителството (за гонење криминал и корупција) на чие чело дојде нов кадар и го отфрли. Веруваме дека новоизбраниот обвинител во Вишото обвинителство ќе ги земе во предвид аргументите на Општина Тетово и ќе поднесе тужба“, рече Касами.

На 23 декември досегашниот претседател на Вишото јавно обвинителство во Скопје, Mустафа Хајрулахи едногласно беше избран на оваа позиција за четиригодишен мандат. Во рамките на ова обвинителство е вклучено и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

До Јавното обвинителство повторно се обративме со прашањето дали е одлучено каде ќе продолжи овој предмет откако беше одбиен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но не добивме одговор.

Што се случи?

По доаѓање на чело на општина Тетово, Kaсами на 8 февруари оваа година го објави списокот со договори на дело за 2021 година платени од општинскиот буџет со потпис на поранешната градоначалничка Арифи. Тој рече дека ваквите исплати се незаконски и дека поднел тужба за злоупотреба на општинските фондови.

Како што изјави тој, после неколку месеци од поднесувањето на тужбата добил негативен одговор.

Касами рече дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја чувало тужбата во фиока и дека само неколку недели по доаѓањето на Ислам Абази на чело на ова обвинителство, таа била одбиена. Касами обвини дека тоа е направено на политичка основа и дека „се видел резултатот на обвинителот од Зајази“.

Образложение на Обвинителството за случајот:

„Работата за која пројавувате интерес во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е предадена во надлежност на Основното јавно обвинителство Тетово. Надлежниот обвинител по разгледувањето на случајот поднесе барање до Општина Тетово да докаже дали штетата настанала во буџетот на општина Тетово или во буџетот на Република Македонија.

Врз основа на добиениот одговор, констатирано е дека се работи за штета на буџетот на општината, каде што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција нема надлежност да постапува.

Во таа насока, дотичниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од став 5 од член 353, што се однесува на постапката за јавна набавка или оштетување на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните средства или од други државни фондови.

Општина Тетово е известена кој дел од кривичната пријава е одбиен и општината како барател има право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје, право кое го искористи и поднесе жалба.

За останатите пријавени кривични дела, обвинителот има судир на надлежност и во моментов се чека одлуката предметот да се врати на Основното јавно обвинителство – Тетово како обвинителство во чија надлежност се постапуваат предметите поврзани со оштетување на општинскиот буџет“, соопштија на 13 декември од Обвинителството за Порталб.мк.

Општина Тетово поднесе жалба за оваа одлука. Порталб.мк деновиве повторно се обрати до Обвинителството со прашање околу тоа дали е донесена одлука каде ќе се постапува со овој предмет, но од Обвинителството не дадоа одговор.

Правникот Куртиши: Апсурдно е образложението на Обвинителството дека нема надлежност да постапува

Во разговор за Порталб.мк правникот Емир Куртиши вели дека образложението на Обвинителството за организиран криминал и корупција во суштина е апсурдно, наведувајќи дека станува збор за штета на буџетот на општината и дека тоа има ингеренции да постапува.

„Нe знам поради кои причини го негира ова. Но, во член 32 став 1 алинеја 3 од Законот за основно јавно обвинителство, меѓу другото се нагласува дека Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е надлежно во прв степен да постапува и за член 353 став 5. Јасно е дека во Кривичниот законик изречно не е наведен буџетот на општината, туку се вели средства од Буџетот на Републиката и други државни средства, но тоа подразбира дека тука спаѓа и буџетот на општината, бидејќи не може да се предвиди како таков од страна на законодавецот и тоа претставува законска дупка и неговата злоупотреба не треба да се казнува. Ако ова обвинителство не е надлежно да постапува, тогаш кое обвинителство е?“, изјави Куртиши.

Тој, меѓу другото, нагласи дека Обвинителството не може да избегнува еден случај за кој е обврзано со закон. Меѓутоа, според него, овие случаи уште повеќе го зголемуваат скептицизмот и недовербата на граѓаните кон органите на правдата. Сепак, според него, останува да се види како ќе заврши оваа работа, па дури потоа да се даде некаква оценка.

Инаку, за овој случај Касами соопшти дека ги известиле амбасадите, поточно онаа на САД.

Кога сме кај САД, амбасадорката на САД во земјава, Aнџела Агелер испрати остри критики за изборот на Ислам Абази за претседател на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Освен тоа, Вашингтон испрати во Северна Македонија екипа за еден поагресивен пристап кон корумпираните чинители, актуелните и поранешни функционери.

Борбата против корупцијата во последниот период беше цел на остри критики од претставниците на меѓународната заедница. Реагираше и евроамбасадорот Дејвид Гир, германската амбасадорка Анке Холштајн, како и многу други.