Фото: Мета.мк

Бројот на вработени во јавниот сектор лани бил намален за 1.695, споредено со 2019 година, додека бројот на институции е зголемен за 8. Ова го покажува извештајот за 2020 година на регистарот на вработени во јавниот сектор изготвен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), известува Порталб.мк.

Бројот на вработени во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесувал 131.205 лица, додека една година претходно тој број изнесуваше 132.900.

„Важно е да се истакне дека вкупниот број вработени во јавниот сектор не се совпаѓа со пополнувањето на работни места, бидејќи има вработени првенствено во областа на образованието и здравството кои исполнуваат работни места во две или повеќе институции од јавниот сектор (наставници кои немаат целосен фонд на часови и се ангажирани во две или повеќе училишта, или професори од медицинскиот факултет пополнуваат работни места и во здравствените установи и во факултетите)“, се вели во извештајот.

Во извештајот се појаснува дека во овој број се вклучени и вработените во органите за безбедноста, односно Армијата, Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Дирекцијата за финансиска полиција. Нивниот број е 19.596, а истите не се вклучени во анализата на структурата на вработените.

„Затоа, во понатамошниот извештај кој се однесува на структурата на вработените, од вкупниот број на вработени од 131.205, овие 18.596 вработени нема да бидат сметани, односно се бројат само 111.608 вработени во јавниот сектор.

Во горенаведениот број не се вклучени лицата кои се привремено вработени преку агенции.

Во државните акционерски друштва, до декември 2020 година, вработени се вкупно 10.390, или 1.590 повеќе отколку во 2019 година. Од нив, 9.919 се вработени на неопределено време, додека 367 се вработени привремено. Во 2019 година, од 8.800 вработени, 8.545 биле вработени на неопределено време, додека 172 биле привремено вработени.

Од друга страна, преку агенциите за привремено вработување во институциите во јавниот сектор се ангажирани вкупно 2.425 лица и истите немаат статус на вработени во јавниот сектор и не се дел од анализата на Министерството. Во 2019 година имало ангажирани 3.222 лица.

Од бројот на вработени по пол, 45 отсто се мажи, додека 55 отсто се жени.

Просечната возраст на вработените е 46,01 години, додека во 2019 година таа беше 45,99 години. Според структурата, на возраст од 36-45 години има 27,73 отсто, од 54-64 години 22,94 отсто, 26-35 години 17,56 отсто, 18-25 години 1,89 отсто и над 64 години 0,99 отсто.

Според етничката припадност, 72,48 отсто се Македонци, 20,86 отсто Албанци, 2,18 отсто Турци, 1,41 отсто Роми, 1,165 отсто Срби, 0,90 отсто други, 0,51 отсто Бошњаци, 0,49 отсто Власи.

Заклучно со 31 декември 2020 година, во РСМ имало 1.332 институции од јавниот сектор, или 8 повеќе отколку во 2019 година.

Од вкупно 1.322 институции, 11 имаат само управител, додека 16 немаат ниту управител ниту вработени.

Инаку, еден од главните проблеми на јавниот сектор и понатаму е големиот број институции и вработени. Владата постојано ветуваше дека тоа ќе се реши, но досега, бројот на вработени и институции е без поголеми промени.

Проектот за реорганизација и оптимизација на администрацијата, кој предвидува намалување на 20 отсто од нејзиниот број и распуштање / спојување на институциите со цел нивно намалување, беше објавен во 2017 година од страна на тогашниот министер на МИОА, Дамјан Манчевски, но до денес сè уште не е завршен. Министерството, кое сега го води Јетон Шаќири, ветува дека се очекува проектот да заврши до крајот на 2021 година.