Пругата Скопје-Велес на Коридор 10; Фото: Бојан Блажевски

Од 2017 година постои проект за изградба на железничката линија од Кичево до граничниот премин со Албанија, Ќафасан, но изградбата на оваа пруга останува неостварено ветување. Железничкото поврзување ќе овозможи економски придобивки за двете земји, бидејќи Албанија добива можност да се поврзе со железничка линија со Бугарија, додека Северна Македонија ќе има можност да се поврзе со пристаништето Драч, што ќе го олесни транспортот на стоки, пишува Порталб.мк.

Изградбата на железничката пруга што ќе ја поврзе Северна Македонија со Албанија се одолговлекува со години. Проектот за изградба на ова пруга беше финализиран во ноември 2017 година, а освен изјавите на официјалните лица дека изградбата на оваа пруга ќе биде нивен приоритет, на теренот пак, нема конкретни работи.

Со цел да се зголеми економската и инфраструктурната соработка, железничката делница Северна Македонија – Албанија се смета за стратешка инвестиција со регионално влијание. Европската унија со сума од 7,7 милиони евра го финансираше составувањето на проектот кој предвидува изградба на железничка инфраструктура во должина од 63 километри.

Железничката делница што треба да се гради од Кичево преку Струга до граничниот премин со Албанија, Ќафасан, предвидено е да чини над 500 милиони евра. Во делот од Кичево до Струга, покрај пругата, треба да се изградат 49 мостови и 13 тунели. По должината на делницата треба да има две главни и две помали станици.

Случувања од 2017 година

09 февруари 2018 година – На состанокот одржан во Скопје, директорите на двете железнички претпријатија Ирфан Асани и Ани Дурмиши изјавија дека изградбата на Коридорот 8 по железничката линија Кичево-Лин е приоритет на Владата на Албанија и на Македонија. На оваа средба беше заклучено дека до 2023 година ќе биде ставена во функција железничката линија Македонија-Албанија.

22 ноември 2018 година – За време на официјалната посета во Скопје, претседателот на Албанија Илир Мета се сретна со премиерот на Македонија, Зоран Заев. Претседателот Мета и премиерот Заев ги споделија истите ставови во однос на потребата и важноста од зголемување на економската и инфраструктурната соработка со конкретни проекти како што е оној на „Коридорот 8“. Тие ја оценија изградбата на железничката делница меѓу двете земји како стратешки важна инвестиција за целиот регион.

16 октомври 2020 година – На средбата меѓу заменик министерот за инфраструктура и енергетика, Артан Шкрели и неговиот колега во Северна Македонија, Беким Реџепи, беше потенцирана големата потреба за изградба на оваа пруга и нејзината стратешка важност. Истиот став го изразија и директорите на двете железнички претпријатија Фестим Халили и Ани Дурмиши.

„За нас изградбата на железничката делница во правец на Албанија е приоритет, затоа верувам дека сега е вистинското време да имаме заеднички договор бидејќи од нас бараат и финансиските институции кои ја финансираат изградбата на преостанатиот дел од коридорот“ изјави Фестим Халили, поранешен директор на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ.

Што ја спречи изградбата на оваа пруга?

Пред извесно време, во изјава за телевизија Алсат, сега веќе поранешниот директор на железничката компанија Фестим Халили, објави дека изградбата на пругата меѓу Северна Македонија и Албанија три години е заложник на споровите во рамките на владината коалиција СДСМ и ДУИ.

Друга причина зошто железничката делница РСМ-Албанија остана во ќорсокак е погрешниот избор на рутата каде треба да помине трасата на оваа пруга.

Проектот од 2017 година предвидуваше дел од пругата да поминува покрај Охридското Езеро, на што остро се спротивстави УНЕСКО. УНЕСКО предупреди дека Охридското езеро може да се најде на списокот на загрозено светско природно наследства доколку на неговиот брег се гради железничка инфраструктура. УНЕСКО, со цел да се избегне оштетувањето на Охридското езеро од железничката инфраструктура, предложи железничката рута да помине низ алтернативен тунел од Струга до албанскиот град Прењас, под планината Јабланица.

Кога се очекува да започне изградбата на пругата?

Владата на Северна Македонија минатата есен одлучи да даде зелено светло на овој проект и го обврза Министерството за финансии да достави барање до меѓународните финансиски институции и до билатералните кредитори да ги обезбеди потребните средства за финансирање на изградбата на оваа пруга.

Нашата редакција се обрати до Министерството за финансии со прашањето: Дали ова Министерство започна да работи на обезбедувањето на потребните средства за изградба на оваа железничка линија и колку може да трае обезбедувањето на сумата од 500 милиони евра?

По електронски пат испративме прашање до Канцеларијата за односи со јавност на ова министерство, но не добивме никаква потврда или каков било одговор на нашето прашање. По неколку телефонски повици до канцеларијата за ПР, ни беше кажано дека одговорот го подготвуваат релевантните сектори, но досега немаме никаква информација. (Нашата редакција ќе ги ажурира податоците ако имаме одговор од оваа институција).

Од Кичево до граничниот премин Ќафасан, изградбата на пругата треба да започне од нула. Во моментов во овој регион се работи само на изградба на автопатот Кичево-Охрид. Властите проценуваат дека ќе бидат потребни најмалку четири години за да се изгради ваков инфраструктурен проект.

Кое е економското значење на овој проект?

Институтот „Фајнанс тинк“ проценува дека јавните инвестиции во транспортната инфраструктура од 2 до 3 отсто од БДП (бруто домашен производ) годишно, придонесуваат за поголема стапка на раст на БДП од 0,5 процентни поени годишно. Значи, се зема предвид ефектот врз економијата од изградбата на тие патишта, железници и друга транспортна инфраструктура, а потоа и ефектите што ги има добрата инфраструктура врз поврзаноста на деловниот сектор, што значи зголемување на продуктивниот и конкурентскиот капацитет на економијата.

„Конкретната важност на Коридорот 8 е во регионалното поврзување исток-запад, особено патното и железничкото поврзување со Албанија, кое е недоволно развиено од двете страни на границата. Инвестирањето во железничкиот коридор ќе обезбеди побрзо и поефикасно користење на придобивките од заедничката економска зона на Западен Балкан, без оглед на обликот на тоа подрачје. Дури и ако не одиме понатаму, членството во ЦЕФТА на обете земји може да се искористи и подобри само со подобра инфраструктура за поврзување, а во таа смисла придобивките за двете економии несомнено ќе бидат значителни за стапките на раст на БДП и подобрување на конкурентноста на бизнисот”, изјавуваат од „Фајнанс тинк“.

Што претставува Коридорот 8?

Пан-европскиот Коридор 8 е еден од 10-те паневропски транспортни коридори, којшто го поврзува Јадранското со Црното море. Овој коридор поминува низ Албанија, РСМ и Бугарија. Коридорот 8 има должина од 1.220 до 1.350 километри. Овој коридор има големо економско значење за сите земји каде поминува бидејќи овозможува лесен транспорт на стока.

Инаку, кога станува збор за овој проект, во најновиот извештај, УНЕСКО бара државните претпријатија да се координираат меѓусебно за важните инфраструктурни проекти што минуваат низ заштитеното подрачје во регионот на Охрид-Струга и да бараат опција преку една рута да поминат железницата, автопатот, гасоводот и електричната линија во правец на Албанија. Извештајот се однесува на тоа дали се исполнети условите Охрид и Охридското езеро да бидат вклучени во списокот на загрозено светско природно и културно наследство.

УНЕСКО оди понатаму со барањата во врска со пругата кон Албанија, чија рута е планирано да биде од Кичево преку Струга до Лин. УНЕСКО бара да им се достави сеопфатна компаративна студија со алтернативна траса за железничката пруга на Коридорот 8, вклучително и оние што не поминуваат долж Охридското езеро и особено не ја вклучуваат трасата избрана преку Радожда до Лин. Во исто време, УНЕСКО бара да им се достави ажурираната документација за железничкиот проект, како и детална мапа што ќе ги вклучува линиите по кои ќе поминува пругата, како и сите можни патишта во струшкиот регион.