fbpx

Порталб: Граѓаните ја плаќаат цената за хаосот во јавниот превоз, Владата стои настрана

-

Граѓаните на Скопје ја плаќаат цената за недоразбирањата меѓу приватните превозници и Град Скопје, а Владата стои настрана и се прогласува за ненадлежна, пишува Порталб.мк.

Автобусот што треба да доаѓа на 7-8 минути доаѓа за 30 минути. Група граѓани можат да се забележат на секоја автобуска постојка како чекаат да се качат на автобусите преполни со патници. Во таа состојба, ученици, работници, старци, болни се принудени да се гмечат еден со друг само за да стигнат до посакуваната дестинација, бидејќи за следниот автобус не се знае уште колку ќе треба да чекаат. Но, има и случаи кога поради пренатрупаност автобусите воопшто не застануваат на постојките.

Од Владата на Северна Македонија за Порталб.мк нагласуваат дека тие постојано им помагаат на општините со финансиски средства, а за уредување и организирање на јавниот превоз надлежен е Град Скопје.

„Локалната власт е таа што мора да работи за граѓаните. Согласно Законот за Град Скопје, уредувањето и организацијата на јавниот превоз во градот и во периферијата е надлежност единствено на Град Скопје. Сите барања на превозниците треба најпрвин да бидат насочени кон властите на Град Скопје кои навремено и одговорно треба да понудат мерки за надминување на кризата”, велат од Владата.

Арсовска одбива да разговара со приватните компании, не им должиме

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во интервју на „Топ Тема” на „Телма”, неколку пати го повтори ставот дека нема да попушти, кон како што рече таа, уцените на двете приватни компании кои биле договорени за јавен транспорт „Слобода превоз” и „Макекспрес” и дека кон нив ЈСП нема долг.

Ултиматумот на приватните компании за изнаоѓање на решение истекува, а Арсовска изјави дека одбива да седне на преговарачка маса.

„Не се седнува со луѓе што уценуваат и навредуваат и тоа го прават бидејќи вистината не е на нивна страна”, рече Арсовска.

Таа рече дека ако сега попушти, утре секој што има возило и автобус ќе може да излезе и да блокира улици.

Прашана неколку пати од страна на новинарот за тоа кога ќе има решение, Арсовска не даде конкретен одговор. Градоначалничката го повтори ставот дека приватните превозници ќе можат да се пријават преку јавниот повик индивидуално и не преку двете превозни компании.

Арсовска исто така ги демантираше тврдењата на приватните превозници дека ЈСП им должи 1 милион евра. Според неа, ЈСП им исплатил на превозниците околу 156 милиони денари до месец октомври. Таа праша зошто до сега не е поднесена тужба ако имало неправилности.

Таа повтори дека договорите со компаниите се укинати бидејќи едната од нив не обезбедила редовна услуга, односно нe го почитувале распоредот на движење, додека другата продавала карти и не ги предалa парите.

Приватните компании најавија дека ќе го блокираат Скопје со над 200 автобуси

Околу 30 приватни автобуси во понеделникот на 28 ноември од 7 часот наутро ја блокираа раскрсницата кај Т.Ц. Мавровка и тоа предизвика хаос во цело Скопје. Тие прекинаа со блокадата поради посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, но дадоа ултиматум.

Ленин Јовановски од „Слобода Превоз“ кој во 2021 година правеше активна кампања за поддршка на Арсовска инсистира дека ЈСП има долг кон приватните компании и како што вели тој, направиле сè за да ја избегнат ситуацијата во која се наоѓа градскиот јавен превоз.

Тој вели дека Арсовска не чувствува одговорност за тоа што му се случува на Скопје и дека работите може да се радикализираат, тогаш тој не може ништо да направи.

Претходно приватните превозници најавија дека во петок ќе ги радикализираат протестите и ќе ги извадат на улица сите автобуси што ги имаат. За утре е најавена блокада на булеварот Илинден.

Приватните превозници ги демантираат тврдењата на Арсовска дека продале карти и парите изчезнале.

Истотака од „Слобода Превоз“ неколку пати нагласија дека ЈСП им должи околу 1 милион евра за вршење на транспортни услуги. Од друга страна, и „Макекспрес“ изјавиле дека ЈСП им должи околу 500 илјади евра.

Градот Скопје го раскина договорот со „Макекспрес“ кој имаше важност до крајот на 2023 година, бидејќи според нив, автобусите на линиите 19, 20, 22, 52 и 54 не ги почитувале одредените услови за давање на квалитетни услуги. Од ЈСП рекоа дека ќе ги заменат овие линии со нивни автобуси и шофери.

Неколку дена подоцна и компанијата „Слобода превоз“ стапи во штрајк и престана да сообраќа на линиите 9, 12, 22, 23, и 45. Двете компании заедно престанаа да сообраќаат на 10 линии со над 200 автобуси.

ЈСП Скопје сега е единствениот превозник на овие линии. Поради недостаток на автобуси што може да се заменат, граѓаните се жалат на доцнења на автобусите.

Порталб.мк е еден од првите медиуми што пишуваше за проблемот со приватните превозници, кој потоа се претвори во главен проблем на градот. Од 2016 година, приватните автобуси сообраќаат во рамки на ЈСП. Тие се плаќаат по поминат километар во сообраќај, во зависност од висината на цените на нафтените деривати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...