Фото: Арбнора Мемети

Двајца од тројцата кандидати за претседател на Врховниот суд сè уште направиле психолошки тест и тест за интегритет и затоа интервјуата со кандидатите сè уште не се започнати, пренесува „Порталб.мк“.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, потврди дека двајца од тројцата кандидати за претседател на Врховниот суд сè уште не направиле психолошки тест и тест за интегрите и рече оти очекува новиот претседател на највисокиот суд да биде избран до крајот на месецот.

„Ги разгледавме апликациите, видовме дека двајца од кандидатите немаа психолошки тест и тест за интегритет. Тие мора да одат во Институтот за социолошки истражувања за да ги направат тестовите. Потоа ќе има интервјуа и дури потоа ќе биде избран нов претседател на Врховниот суд. Планираме до крајот на јануари да се избере нов претседател“, изјави Здравев за „Порталб.мк“.

Во трка за претседател на Врховниот суд се врховните судии Беса Адеми, Лидија Неделкова и Џемали Саити.

Од тројцата кандидати, најмалку позната во јавноста е Беса Адеми. Од Апелација таа е дојдена во Врховен пред 16 години. И претходно конкурираше за оваа позиција, но во 2017 година загуби од тогашниот противник Јово Вангеловски. Сепак, нивните патишта се вкрстија повторно три години подоцна, во март 2020 година, кога Беса Адеми претседаваше со Врховниот совет кој го потврди разрешувањето на Вангеловски.

Од друга страна, Саити е веќе 4 години во Врховниот суд. Истовремено, тој е претседател на Здружението на судии и е најпознат меѓу тројцата судии.

Лидија Неделкова претходно претседаваше со Врховниот суд, а беше и претседателка на Кривичниот суд. Во трка за Претседател на Врховниот суд во 2017 година беше и Неделкова. Таа беше една од тројцата судии во Советот кои пред 12 години му одредија притвор на Зоран Заев во случајот „Глобал“. Во прислушуваните разговори во времето на Груевски, Неделкова беше спомнувана, по што и судството го доби епитетот „Сваровски“.

Разрешувањето на Вангеловски и доаѓањето на Арслани

Од 10.9.2019 година, функцијата  в.д. претседател на Врховниот суд и понатаму ја врши Фаик Арслани. Законски, Аслани има право да ја извршува оваа функција до 1 година. Судскиот совет на седницата одржана на 10 септември 2019 едногласно го разреши претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за непрофесионално и неодговорно вршење во службата. На истиот состанок беше разрешена и врховната судијка Рахилка Стојковска – и двајцата поради одлуката што ја усвоија, а со која беше поништен притворот за Сеад Кочан, обвинет во  случајот „Труст“, со што му овозможија да не оди во притвор.

Вангеловски поднесе жалба, но Врховниот суд ја одби жалбата како неоснована и со тоа ја потврди одлуката на Судскиот совет. Со оваа одлука, Вангеловски беше и официјално разрешен.

Услови за избор на нов претседател на Врховниот суд

Според Законот за судови, претседателот на највисокиот суд се избира меѓу судиите од Северна Македонија, исто како што се избира судија во кој било друг суд.

Претседателот на Врховниот суд се избира со мандат од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција за уште четири години.

За претседател на судот се избира судија кој во последните две години е оценет од Судскиот совет со повисока позитивна оценка, а во споредба со другите кандидати има поголем број бодови, во согласност со законот.

Претседателот на Судот има статус и функција на прв судија во соодветниот суд. Кандидатите за претседател на Судот, во поднесокот и другите документи, доставуваат и програма за работа за време на нивниот мандат.

Огласот за избор на претседател на судот го објавува Судскиот совет на Северна Македонија, два месеци пред истекот на мандатот на претседателот во заминување. Од пријавените кандидати кои ги исполнуваат потребите и условите, Судскиот совет избира претседател на судот најдоцна два месеци по објавувањето на огласот.

Претседателот на судот кој повеќе нема да биде избран на истата позиција, ќе продолжи да работи како судија во судот каде што претходно ја извршувал судиската функција.

Услови:

  • Да е државјанин на Северна Македонија
  • Активно да го владее македонскиот јазик
  • Да е ​​способен за работа и со добро здравје, за што се вршат лекарски прегледи
  • Дипломиран правник со четиригодишно високо образование на студии по право со просек од најмалку 8 или да биде дипломиран правник со 300 кредити според ЕКТС, со просек од најмалку 8.
  • Да го положил правосудниот испит во Северна Македонија
  • Активно да знае еден од трите јазици на Европската унија (англиски, француски и германски)
  • Практична работа со компјутер
  • Да има репутација, интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални одлики за вршење на судиската функција, за кои се применуваат тестови за интегритет и психолошки тест.
  • Дополнително: За судија во Врховниот суд може да биде избрано лице кое има најмалку шест години непрекинато работно искуство во Апелациониот суд до моментот на пријавување за избор и во последната година да бил оценет со повисока позитивна оценка, во споредба со останатите кандидати.