Фото: Мета.мк

Поминува и вториот месец од трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, а од истрагата сѐ уште нема никаков резултат. Јавноста е понатаму заложник на прашањата на кои властите никако да дадат одговор, пишува Порталб.мк.

Без оглед што поминаа речиси два месеца, обвинителите сѐ уште уште чекаат на вештачењата за кои издале наредби, меѓу кои е и вештачењето на германските вештаци.

„Јавните обвинители коишто преземаат мерки во насока на обелоденување на причините за пожарот во тетовската модуларна ковид-болница, делуваат интензивно. Се очекува во Обвинителството да пристигнат извештаите од нарачаните вештачења, меѓу кои и вештачењето на вештаците од Германија. Штом ќе се собрат материјални и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, и ќе се утврди дали и каде постои кривична одговорност, според која ќе се донесе и одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат за Порталб.мк од Обвинителството во врска со тоа до каде е постапката за пожарот во модуларната тетовска болница.

Ист одговор од Обвинителството дадоа и на 14 октомври, пред 20 дена.

Обвинителството не открива ниту временски рок кога треба да завршат сите овие постапки, имајќи ја предвид осетливоста на случајот и чекањето на семејствата и сите граѓани што побрзо да ја дознаат вистината, иако објавија еден извештај од крим-техниката на МВР, во кој веројатно се опишува како е предизвикан пожарот, но тоа не е показател дали некој треба да сноси одговорност.

Властите избрзаа со помилувањето, без да заврши истрагата

Независно што истрагите не завршиле, веднаш по објавувањето на само еден полициски извештај од страна на Обвинителството, премиерот Зоран Заев лично, и неговиот прв заменик, Артан Груби веднаш излегоа пред јавноста со помилување од било каква одговорност на своите колеги од Министерството за здравство и квалификувајќи го случајот како трагичен настан.

„Нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај Филипче и неговиот заменик Хасани“, рече Заев, а Груби рече дека „очигледно се работи за несреќа и трагичен случај“.

Според извештајот на крим-техниката на МВР, што беше објавен од страна на Обвинителството, пожарот е предизвикан од продолжниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот. Но, нема информации за останатите детали, односно останатите извештаи не се јавно обелоденети.

На пример, нема информација кој е одговорен за поставувањето на тој продолжен кабел. Дали ги исполнувал соодветните стандарди и дали се спроведени соодветни контроли на системот на електричната дистрибуција во модуларната болница?

Исто така, сѐ уште нема извештај од страна на вештаците по судска медицина од Германија, коишто биле набљудувачи на вештачењата. Нема детали поврзани со истрагата на Канцеларијата на Обвинителот за организиран криминал и корупција во врска со тендерот и модуларните болници и дали тие ги исполнуваат основните стандарди за нивна сигурност, управување и одржување.

Прашањата за случајот што сѐ уште не се одговорени

До денес нема конкретен одговор дали имало или не противпожарен систем. Сведоците кои се извлекле од ужасот изјавја дека немало, но соодветните власти сѐ уште не потврдуваат нешто такво. Доколку имало, каде се наоѓал, штом пациентите не можеле да го најдат, кога последен пат биле проверени дали се функционални или не?

Сѐ уште не знае дали материјалот со кој е изградена болницата бил отпорен на оган, иако властите велат дека болницата ги исполнувала сите стандарди. Во извештајот е опфатена причината за ширењето на пожарот, но не се спомнува дали градежниот материјал бил отпорен на оган или не.

Според извештајот на крим-техниката, пожарот се ширел брзо поради тоа што количината на кислород во целата болница била зголемена, но и поради оштетувањето на кислородната инсталација во текот на пожарот. За ова придонел и фактот што во просторот под кровот на објектот не се разделени модулите/просториите и ходникот, што би помогнале да се успори ширењето на пожарот.

Другото прашање за кое досега никој не презеде одговорност е што меѓу жртвите имаше и двајца членови на семејствата на пациентите кои се грижеле за нивните блиски.

Развој на настаните

На 8 септември во 21:02 часот, тетовскиот ковид-центар беше зафатен од пожар, при што животот го загубија 14 лица (8 жени и 6 мажи на возраст од 29 до 78 години, 12 од нив пациенти и 2 членови на семејствата на жртвите кои се грижеле за нив). На 10 септември, министерот за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Хасани заедно со двајцата директори на тетовската болница, Артан Етеми и Фљорин Бесими, известија дека поднеле оставка од морални причини. Премиерот Зоран Заев по неколку дена изјави дека не ги прифатил оставките и дека Филипче, Хасани, Етеми и Бесими ќе продолжат со вршење на функцијата сѐ додека не заврши истрагата.

На 11 септември, со засадувањето на 14 дрвја на плоштадот „Илирија“, беше одржан мировен марш на навивачката група Балисти и други граѓани во чест на 14 жртви што го загубија животот, како последица на пожарот што ја зафати модуларната болница за Ковид-19 во Тетово.

На 17 септември, во Тетово повторно се протестираше за да се побара одговорност и правда во врска со пожарот во тетовската модуларна болница. Демонстрантите го започнаа нивниот марш од плоштадот „Илирија“, продолжија до пред Општина Тетово, каде што одржаа говор и потоа еден дел од граѓаните фрлаа јајца кон зградата, а потоа маршираа во правец на седиштето на ДУИ. Четворица полицајци беа лесно повредени во текот на овие протести. Судирите со полицијата ескалираа откако неколку демонстранти се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, и претходно фрлиле јајца кон општинската зграда. За ова, 5 демонстранти беа уапсени и се најдоа во притвор.

На 13 октомври, петтемина уапсени лица од протестите на 17 септември во Тетово, пред судијата ја признаа вината и им се извинија на полицајците. Тие беа осудени со казна затвор од 1 година под услов три години да не го повторат истото дело.