fbpx

Порталб: Центрите за социјална работа активно работат, документацијата за давање помош е намалена

-

Центрите за социјална работа функционираат согласно измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита од мај 2019 година. Принципот на менаџирање на случаи се имплементира, менаџерите ги водат случаите според територијален принцип за семејствата кои остваруваат права од областа на социјалната заштита и заштитата на децата, но исто така и услуги согласно законот, велат од Министерството за труд и социјална политика за Порталб.мк. Од ова министерство додаваат дека, во соработка со Агенцијата за вработување, се подготвуваат индивидуални планови за најлесно вработливите членови на семејството, со цел нивно интегрирање на пазарот на труд, пишува Порталб.мк.

Во насока на подобрување и намалување на жртвите на семејно насилство, Министерството информираше дека редовно се врши увид во семејствата за да се констатира моменталната состојба, и по потреба, семејството полесно да влезе во системот на социјална заштита и на децата.

За потребната документација, без да дадат повеќе детали, од министерството рекоа дека е сведена на минимум, а сите останати податоци се добиваат електронски службено.

Во однос на прифатилиштата, зголемен е бројот на прифатилишта, формирани се 13 центри за жени-жртви и деца на семејно насилство, има 10 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман на сторители на семејно насилство, специјализирани услуги за жени жртви на родово насилство, семејно насилство во 7 плански региони на територијата на РСМ.

Генерално, Европската комисија во последниот извештај ја пофали Македонија особено за усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и измените на Законот за правата на детето, со меѓупартиска поддршка. ЕК, исто така, нотира подобрување во однос на вклучувањето на родовите аспекти во главните политики и правата на жените, иако смета дека жените се меѓу категориите најмногу погодени од пандемијата.

Правната рамка за заштита на основните права е оценета дека главно е во согласност со европските стандарди.

Министерството за труд и социјална политика, се оценува во извештајот, инвестира во услуги на заедницата, вклучително и поддршка на жртвите на родово засновано насилство.

Оваа година ЕК во извештајот и препорача на земјата:

  • спроведување на сите одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација;
  • побрзо и систематски да се адресираат препораките на меѓународните мониторинг тела, особено во однос на правата на лицата во притвор/затвор;
  • да ги промовира, штити и гарантира правата на лицата во неповолни или маргинализирани ситуации;
  • понатамошно подобрување на услугите во заедницата за да се идентификуваат децата во ризик и да се обезбеди соодветна поддршка за ранливите категории на деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост.

Граѓанското општество, се вели во извештајот, значително придонесе за обезбедување заштита на човековите права и основните слободи, особено во однос на помошта што им се дава на најранливите категории.

Сепак и покрај ова, различни региони во земјата се соочуваат со недостиг на засолништа. Здружение за психотерапија и советување „Кортекс“ – Тетово во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во истражувањето „Анализа на состојбата со достапни специјализирани услуги достапни за помош и поддршка на жените и децата жртви на родово и семејното насилство во Полошкиот плански регион“, ја истакна потребата од постоење на прифатилиште, односно центар како прифатилиште, кое недостасува во целиот регион, како и зголемување на бројот на специјализирани психолошко советување и зголемување на пристапот до услуги, како што се: бесплатна прва помош и достапност на СОС линии.

„Во моментов насилството врз жените и справувањето со него, иако е законска должност, не е приоритет на општините од Полошкиот регион бидејќи ниту една општина не издвојува средства за поддршка на специјализирани служби. Иако бројот на пријавени случаи во последните години се зголемува, Полошкиот регион нема засолниште, нема интервентен центар или СОС линија и за унапредување на правата на жените жртви на семејно или родово насилство не се презема ништо “, рече Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Исто така, во Годишниот извештај на „Amnesty International“ во делот за Северна Македонија анализира неколку области, вклучувајќи одговорност за кривични дела, тортура во затвори и други злоупотреби, слобода на изразување, слобода на здружување, насилство врз жените и девојките, правата на мигрантите и дискриминацијата на Ромите.

Во делот за насилство врз жени и девојки во овој извештај се наведува дека мизогенезата и говорот на омраза се зголемени. Полицијата не успеа да ги истражи поплаките на жени и девојки, чии фотографии без нивна дозвола се појавија меѓу 7.000 споделени содржини – споделени од мажи на социјалната мрежа Телеграм (случајот познат како Јавна Соба). Во јули беше поведено обвинение против двајца мажи за детска порнографија.

Во април, невладиниот сектор препорача пакет за поддршка на жените жртви на семејно насилство и повика фемицидот да биде посебно кривично дело.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...