Иако министерот за економија Крешник Бектеши вети дека ќе бара отчет од „Елем Турс“ за ставање во функција на жичарницата на Попова Шапка со шест седишта, тој за Порталб.мк изјави дека за да го стори тоа, очекува најпрво да биде поставен нов директор.

Еден месец откако е започна туристичката сезона на Попова Шапка, сепак, жичарницата со шест седишта и понатаму е нефункционална, и покрај тоа што надлежните постојано ветуваа дека ќе проработи „многу скоро“.

„Елем Турс е одговорен бидејќи жичарницата со шест седишта во Попова Шапка сè уште не е ставена во функција. Оваа компанија сè уште не назначила нов директор. Кога ќе биде назначен новиот директор, ние веднаш ќе дејствуваме за решавање на овој проблем, со цел жичарницата да биде пуштена во употреба во согласност со сите технички услови што мора да бидат исполнети“, изјавија од Министерството за економија за Порталб.мк.

Бектеши пред три недели изјави дека во рамки на Економскиот совет на Владата се разговара за зголемување на капацитетот на „Елем Турс“ со единствена цел, за постручно и подобро управување на туристички центри, вклучувајќи ја и Попова Шапка.

„Елем Турс управува со низа туристички центри во земјата, но исто така поседува хотелски капацитети кои се скоро целосно уништени,“ изјави Бектеши на 4 јануари.

Директорот на Попова Шапка, Живко Алексовски за еден месец три пати вети ставање на оваа жичарница во функција. Имајќи предвид дека тоа не се случи, Алексовски се правдаше со „технички проблеми“ и вети дека ќе ја пушти жичарницата во функција во текот на јануари.

„Процедурата за пуштање во работа на жичарницата е во тек, сите наши подготовки се при крај, во моментов чекаме екипа од Италија да дојде и да ја пушти во функција, ова ќе се случи на почетокот на февруари,“ рече Алексовски на 20 јануари.

Нефункционалната жичара ги чини граѓаните 581 милиони денари или 9,5 милиони евра.