Фото: Архива на Мета.мк

Апелациониот суд официјално потврди за „Порталб.мк“ дека ја смениле првостепената одлука за случајот „Алмир Алиу“, со која на Бобан Илиќ, кој со автомобил усмрти 4-годишно дете од Куманово. Казната е намалена од 6 години на 4 години затвор, додека остатокот од одлуката останува ист, односно таткото на Алмир е осуден на 6 месеци, додека другите двајца членови на семејството со по 9 месеци затвор, пишува „Порталб.мк“.

Од Апелација велат дека одлуката за овој предмет ќе биде објавена во наредните денови.

Со оваа одлука роднините на починатото дете, немаат право на жалба во Врховен Суд против пресудата на Апелациониот суд, бидејќи затворската казна им е помала од 1 година. За разлика од нив, Илиќ ако сака може да се жали во Врховен суд.

„Ако некое лице е осудено на безусловна казна затвор или малолетнички затвор од најмалку една година, неговиот бранител може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на закон во случаите предвидени со овој закон“, стои во член 463, став 1.

Во овој случај, членовите на семејството на Алмир имаат право да бараат правда пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Случајот Алмир Алиу

Во јули 2016 година, малото дете од Куманово, Алмир, беше прегазено од Илиќ, откако таткото на малото дете и тој имале банална расправија во амбуланта.

Првично, Илиќ беше гонет за кривично дело „убиство со умисла“, но истото подоцна беше преквалификувано од Обвинителството во кривично дело „тешки дела во сообраќај против безбедноста на луѓето и имотот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

За овој случај имаше остри реакции во јавноста, беа организирани масовни протести од граѓани кои го осудија чинот на преквалификација на предметот од страна на Обвинителството.

За време на судењето, имаше реакции за тоа дека се направени пропусти во текот на постапката, односно дека во предвид се земени за докази невропсихијатриски вештачења од експерти со лиценци со истечен рок. Освен тоа, иако во безбедносните камери се гледа јасно дека братот на Бобан, Бојан Илиќ, учествувал во тепачката со Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу, тој не беше вклучен во обвинението, односно не беше осуден.

На 5 април 2018 година, Бобан Илиќ беше осуден на 6 години затвор, таткото на Алмир, Седат Алиу на 6 месеци, додека Сами Демири и Абдулах Алиу на по 9 месеци затвор. Истата одлука беше потврдена на второто судење.

Предметот беше пратен во Апелациониот суд, кој го врати предметот од почеток поради пропусти во постапката. Основниот суд Куманово повторно ги осуди обвинетите со исти казни. Предметот повторно отиде во Апелација, при што сега овој Суд се предомисли и за разлика од првиот пат, на Илиќ му ја намали казната од 6 на 4 години.