fbpx

Порталб: АКМИС со кој манипулираа судиите ќе биде надграден, кога и како не се знае

-

Електронскиот систем за распределба на судски предмети, во јавноста познат како АКМИС ќе се надгради, бидејќи во претходниот период истиот беше злоупотребен од трите најважни судови во земјата, Кривичен, Апелационен и Врховен. Сепак, не е познато кои ќе бидат новините и кога се очекува да заврши имплементацијата, пишува Порталб.мк.

Направена е анализа на функционирањето на постојниот АКМИС систем и дадени се препораки со кои овој систем треба да се подобри. Со тоа тој треба да обезбеди предметите навистина да се распределуваат по случаен избор, односно електронски, а не како во некои случаи во минатото кога претседателите на судовите одредени предмети рачно ги распределувале кај одредени судии.

„Со финансиска поддршка од Норвешката судска администрација, беше направена анализа на функционирањето на постојниот АКМИС систем и беа дадени општи препораки за следните чекори за подобрување на истиот. Препораките на експертите ќе бидат разгледани во наредниот период и по нив ќе се постапува со цел да се подобри АКМИС системот“, велат од Министерството за правда за Порталб.мк.

Министерството не дава детали за тоа какви препораки се дадени, со образложение дека документите се само за внатрешна употреба и дека истите се „доверливи“.

Не е познато кога ќе заврши овој процес, ниту какви нови спецификации ќе има АКМИС откако ќе се надгради.

Манипулациите со АКМИС неказнети

Колку беше „заробен“ судскиот систем во Македонија, покажуваат манипулациите со компјутерскиот систем АКМИС, систем чија главна цел беше да спречи злоупотреби и манипулации. Главниот предизвик беше да се спречи влијанието врз судиите и договарањата околу одредени судски постапки и побрза регистрација, односно побрза распределба и завршување на предметите.

Базата на АКМИС се наоѓа во Врховниот суд и пристап имаат само членовите на Судскиот совет и претседателите на основните судови, но тие не можат да интервенираат. Инсталирањето на системот започна во јануари 2010 година, кога министер за правда беше Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ, а претседател на Врховниот суд беше Јово Вангеловски.

Од 2010 година, АКМИС беше функционален во сите 34 судови во Северна Македонија, заменувајќи ја рачната распределба на предметите. Потребата за контрола на системот АКМИС дојде откако во извештајот на Прибе беше посочено дека „постојат перцепции дека судските предмети не се распределуваат преку АКМИС системот“.

Перцепцијата дека се манипулира со овој систем стана уште поочигледна кога предметите на Специјалното јавно обвинителство „случајно“ беа доделени на судии кои во јавноста беа познати дека имаат блиски врски со тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Токму тие судии требаше да им судат на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за тешки кривични дела. Кога предметите одеа во нивни раце, тие ги блокираа или одолговлекуваа, предизвикуваа процедурален и бирократски хаос, со цел да избегнат извршување на правдата.

Манипулирањето со системот се најде и во годишниот извештај на Стејт департмантот на САД за 2018 година, во кој тогашните претседатели на Основниот суд Скопје и Врховниот суд, Владимир Панчевски и Јово Вангеловски, беа споменати со име и презиме, како вмешани во скандалот со АКМИС.

По промената на власта во Северна Македонија, во 2017 година по иницијатива на Владата, односно Минситерството за правда, беа направени проверки во трите најмоќни судови во земјата, односно Кривичниот суд Скопје, Апелациониот и Врховниот суд.

Тимот што ја спроведе ревизијата излезе со скандалозни резултати, трите судови што ги водат најсериозните случаи, не ги почитувале процедурите на АКМИС. Наместо предметите во кои им се суди на граѓаните и на „влијателните“ лица автоматски да се распределуваат со компјутерскиот систем, тоа го правеле претседателите на судовите.

Овој извештај беше шокантен но и очекуван, особено имајќи предвид дека судството постојано беше на мета на критиките. Целосниот извештај можете да го видите овде.

Ако го погледнеме од денешна перспектива, иако овој систем беше манипулиран во трите најважни судови во земјата, Обвинителството поднесе обвинение само против поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, за рачна распределба на 50 судски предмети. Тој беше разрешен од функцијата судија, а подоцна беше суден и осуден во 2020 година на 3,5 години затвор. Но, на 29 септември годинава Апелациониот суд му ја намали казната на 2,5 години затвор. Всушност, тој е единствениот во Северна Македонија, осуден на затвор за злоупотреба на системот АКМИС. Додека Панчевски беше осомничен за злоупотреба, ВМРО-ДПМНЕ го предложи за Државен обвинител.

Обвинителството започна истрага, но без резултати

Обвинителството „не ги виде“ сериозните докази од извештајот на Комисијата на Министерството за правда за злоупотреба на АКМИС за тогашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски. Судскиот совет во 2019 година го разреши Вангеловски за непрофесионално работење, но не за АКМИС, туку за непритворање на бизнисменот Сеад Кочан во случајот „Труст“ на поранешното СЈО.

За разлика од него, судијката и поранешна в.д. претседателка на Кривичниот суд во Скопје Татјана Михајлова беше разрешена во јануари 2021 година за злоупотреба на системот АКМИС, но Обвинителството не поведе истражна постапка и покрај наводите дека постојат докази.

Министерството за правда продолжува со контроли на системот АКМИС, но по извештајот, додека на чело на Министерството беше Билен Салији, немаше негативен извештај за договарања на предметите. Поранешната министерка Рената Дескоска, во 2019 година, изјави дека се направени проверки во 7 судови и дека ја почитуваат постапката за распределба на предметите според АКМИС. Меѓутоа, тоа не значи дека не треба постојано да се следи, особено со оглед на минатото искуство, но и за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем.

По сите овие неправилности, властите најавија унапредување на системот, што до денес не е направено и не е ни познато како и кога ќе се направи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...