Со реконструкција на поранешниот објект „Матично“, Општина Центар ќе го отстапи просторот за реализација на програмските активности на Младински центар, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржини во интерес на младите, информираа денеска градоначалниците на Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претставници од Сојузот на извидници на РСМ кои воедно и го најавија почетокот на градежните активности за реконструкција на објектот.
„Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект „Матично“, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“ рече градоначалникот, Саша Богдановиќ.
Во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети”, организиран од страна на Општина Центар, а со поддршка од страна на Програмата за развој на обединетите нации – UNDP како спроведувач и Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC како донатор, одобрен е финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци за реализација на три проекти кои се избрани од страна на граѓаните на одржаните форумски сесии мината 2019 година.
Младинскиот центар е еден од предлог проектите кои влегоа во финалната селекција, заедно со проектите „Отворени сцени“ и „Зајакнување на капацитетите на градинките за социјална инклузија – сензорни соби“, кои се во фаза на подготовка, информираат од Општина Центар.
Реконструкцијата ќе чини 6.941.282 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти од финансиски средства, односно 5.768.074 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација. Планот е градежните активности да завршат во наредните 50 дена.