Поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор, се здобил со сериозни повреди при пад за време на велосипедско спуштање од Пасја Раван, а фотографијата што ја објави на Инстаграм, на која лежи во болнички кревет ги загрижи неговите поддржувачи.
Како што информираше самиот, несреќата се случила вчера попладне, при што скршил клучна коска и лопатка. По укажаната лекарска помош во Ургентниот центар при Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, тој ја напуштил болницата истата вечер, а денеска веќе се вратил на работните обврски.
„Вчера попладне доживеав тежок пад при велосипедско спуштање од Пасја Раван. Скршив клучна коска и лопатка. Сè е во ред, вечерта ја напуштив ургентната служба, а денес веќе сум во канцеларија на средба со новата младинска делегатка во ОН“, напиша Пахор под фотографијата.
Пахор упати благодарност до семејството Кавчич од Лучине и до лицето кое го пренело до болница, како и до медицинскиот тим за професионалниот однос.
„Две благодарности, до семејството Кавчич од Лучине и господинот Тадеј, кој ги остави земјоделските обврски и ме однесе во Љубљана и до исклучително професионалниот и љубезен тим на Ургентниот центар при УКЦ“ стои во објавата.
Во својата изјава нагласи дека ударот со главата во асфалтот бил силен, но дека посериозни последици биле избегнати благодарение на носењето заштитна кацига.
„И уште една важна работа. Ударот со главата во асфалтот беше толку силен што воопшто не ги почувствував другите повреди во моментот на падот. Ме спаси КАЦИГАТА. Кога се вратив дома, ја бакнав“, се вели во објавата.
