Поранешни вработени го тужат Твитер поради масовните отпуштања на Илон Маск

Фото: Joshua Hoehne, Unsplash

Поранешни вработени во Твитер поднеле колективна тужба против компанијата поради масовните отпуштања поттикнати од новиот сопственик на платформата, Илон Маск, јави „Врџ“.

Во тужбата се наведува дека на работниците не им биле дадени доволно информации околу нивното отпуштање, повикувајќи се на федералниот Закон за известување за прилагодување и преквалификација на работниците, во САД познат и како „WARN“. Овој закон бара од компаниите на своите вработени да им испратат известување најмалку 60 дена пред да се случи масовно делење откази.

Би-Би-Си пренесе дека претходно од Твитер преку електронска пошта ги известиле вработените дека намалувањето на бројот на вработени претставува „напор да се постави Твитер на здрав пат“. Компанијата ги информирала дека нејзините канцеларии ќе бидат привремено затворени, а персоналот нема да може да влезе во зградата додека не дознае дали остануваат или ја изгубиле работата.

Вработените во Твитер на оваа платформа почнаа да објавуваат дека веруваат оти веќе ја изгубиле работата, уште пред компанијата да ги извести официјално. Тие при своите објави го користат хаштагот #LoveWhereYouWorked (Сакај го местото каде што си работел).

Илон Маск ќе биде главен извршен директор на Твитер откако минатата недела ја купи компанијата преку договор вреден 44 милијарди долари.

„Врџ“ додава дека ова не е првпат управувањето на Маск да води до колективни тужби. Двајца поранешни вработени во другата негова компанија „Тесла“, во јуни ја тужеле компанијата поради прекршувањето на истиот закон.