Зоран Заев по поднесувањето на новиот предлог-состав на владата | Фото: Арбнора Мемети|

Учебната година најверојатно ќе почне на 1 октомври, не на 1 септември, изјави денеска мандатарот Зоран Заев.

„Тенденцијата на подготовките поради здравствените протоколи ја носат работата тоа да биде на 1 октомври. На првата владина седница ќе биде донесена одлука, а ќе следуваат и законски измени“, рече Заев.

Претходно, заменичката-министерка за образование и наука Елизабета Наумовска, за Мета кажа дека учебната година најдобро е да започне на 15 септември, со оглед на тоа дека тоа директно зависи од политичката состојба во државата. Со оглед на новата информација за почеток на 1 октомври, тоа ќе значи и продолжување на учебната година до крајот на јуни, со оглед на фактот дека законски, една учебна година е составена од 180 работни денови.

Освен во Македонија, наставата ќе започне на 1 октомври и во Црна Гора. Во Србија наставата започнува на 1 септември, а ќе се одвива и онлајн и во училница, зависно од желбата на родителите. Хрватските ученици на училиште ќе појдат на 7 септември со физичко присуство и со задолжително почитување на правилата и мерките за заштита од ковид-19. Во Хрватска не им се дава право на родителите да бираат, туку сите ќе мораат назад на училиште.

Албанија иако бележи раст на бројот на новозаразени лица, наставата исто така започнува со физичко присуство на 14 септември, како и секоја година. Во Словенија, наставата започнува на 1 септември, исто така со спроведување на протоколи. Во соседна Бугарија, пак, училиштата се отвораат на 15 септември.