Бројот на луѓе раселени поради војна, насилство и прогон ширум светот е неодржливо висок, особено во услови кога хуманитарното финансирање исчезнува, а единствената светла точка е зголемувањето на бројот на враќања, особено во Сирија, соопшти денеска УНХЦР, Агенцијата за бегалци при ОН.
Според годишниот Извештај за глобални трендови на УНХЦР објавен денеска, до крајот на април 2025 година имало 122,1 милион присилно раселени луѓе, што е зголемување споредено со 120 милиони во истиот период минатата година.
Тоа е околу една деценија на континуирано зголемување на бројот на бегалци и други луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови. Главните двигатели на раселувањето остануваат големите конфликти како што се Судан, Мјанмар и Украина, како и постојаната неспособност да се сопре насилството.
Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци, кажал дека ова е време на силна нестабилност во меѓународните односи, при што современото војување создава кревок и мачен пејзаж обележан со акутно човечко страдање.
„Мора да ги удвоиме напорите за да најдеме мир и долгорочни решенија за бегалците и другите принудени да ги напуштат своите домови“, изјави тој.
Присилно раселените луѓе вклучуваат лица раселени во рамките на сопствената држава поради конфликти – нивниот број се зголеми за 6,3 милиони, достигнувајќи 73,5 милиони до крајот на 2024 година, како и бегалци кои избегале надвор од своите држави (42,7 милиони луѓе). Судан сега е најголемата ситуација на присилно раселување во светот со 14,3 милиони бегалци и внатрешно раселени лица, заменувајќи ја Сирија (13,5 милиони), а следни се Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони).
