Photo by ThisisEngineering RAEng on Unsplash

Десет лаборанти се на домашно лекување или во изолација, откако се појавија првите три позитивни случаи на ковид-19 помеѓу овој медицински персонал во Клиничката болница во Штип. Услугите од лабораторија во Клиничката болница ги вршат преостанатите тројца вработени, кои држат по една смена од 24 часа.

– Редовните контроли се префрлени во Здравствениот дом – Штип, додека во болничката лабораторија се вршат истрагите со ковид – изјави Ален Ѓеорѓиев, директор на Клиничката болница од Штип.

Лабораторијата не е единствената единица чии вработени се погодени од ковид-19. Уште четири медицински сестри и двајца доктори од неколку други одделенија се со позитивни тестови на корона вирус.

Инфективното одделение се полни со пациенти, засега се постапува по писмото на министерот за здравство Венко Филипче, кој бара алтернативен простор за сместување на пациенти со ковид-19. Првичните размислувања се да се ослободат креветите на Кожното одделение, што всушност е планот Б од почетокот на пандемијата.

Во штипските институции, регистрирани се уште два нови случаи со ковид-19 – техничко лице од градинката „Вера Циривири Трена“ е позитивно на корона вирус, а има и еден потврден случај во локалната администрација на Општина Штип, поради што неколку негови колеги се во изолација.