Поради состојбата со ковид-19, Сојузот на средношколци одлучи засега да не ја бојкотира онлајн наставата

Средношколците на протест против онлајн настава (август, 2020 година) / Фото: Арбнора Мемети

Викендов Сојузот на средношколци донесе одлука да не организира бојкот на онлајн настава во моментов. Иако уште од пред почетокот на учебната година Сојузот бараше настава со физичко присуство, овој пат го сменија својот став бидејќи како што велат тие, “сегашната ситуација со пандемијата тоа го направи невозможно, барем за овој момент“.

Претходно, од Сојузот на средношколци најавија дека ќе започнат со онлајн настава, но дека ќе ја следат епидемиолошката состојба во државата и ако таа е стабилна, тогаш од 1 ноември ќе бараат постепено да се вратат во училиштата со комбиниран пристап, во спротивно ќе ја бојкотираат онлајн наставата.

По овие најави и Министерството за здравство и министерката за образование и наука, Мила Царовска апелираа да се почитуваат мерките и протоколите бидејќи епидемиолошката состојба е сериозна, а секоја најава за бојкот е неодговорна и не придонесува за подобрување на ситуацијата и успешна реализација на образовниот процес.

Пред почетокот на учебната година, средношколците протестираа против одлуката за целосна онлајн настава. По протестот тие се сретнаа со министерката за образование и наука, Мила Царовска, која им понуди комбиниран модел на настава. Еден ден потоа, министерката заедно со министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција ги презентираа протоколите за одвивањето на наставата.

Во изминатиот период Сојузот на средношколци разговараше со претставници на Комисијата за заразни болести, но и со владини претставници сè со цел соработка за моделот на наставата.

Како што велат средношколците од Сојузот, засега имаат два приоритети, а тоа е да придонесат во решавањето на големите проблеми со наставата од далечина и да продолжи подобрувањето на моделот на комбинирана настава, кој треба да биде имплементиран во правиот момент.