Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие кои возат на линиите од Транспортен центар до населените места Рашче, Никиштани, Долно Количани, Маркова Сушица и Блаце, денеска не сообраќаат поради зимските услови и ниските температури, соопштија од Центарот за управување со кризи.
„Мал број автобуси од приградските линии не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за автобусите со броеви 11, 64, 74, 80 и 81“, информираат оттаму.
Во ЦУК информираат за состојбата со врнежите од снег и состојба на патиштата до 9 часот утрово.
„Во општина Крушево, на регионалниот пат Крушево – Пуста Река ќе се интервенира во претпладневните часови. Патот е прооден за теренски возила и возила со соодветна зимска опрема. Во општина Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без електрична енергија се корисниците во селото Големо Илино. Екипите на ЕВН се на терен и работат на отстранување на дефектот. Во Кичево има патни правци кон планинските села кои сè уште се чистат, а се очекува истите да бидат целосно расчистени во текот на денешниот ден. Во општина Виница, на повисоките населени места, има појава на голомразица и се препорачува внимателно управување со возилата. Во Ранковце денеска ќе се работи на расчистување на патните правци кон селата Герман и Огут“, соопштува ЦУК.
