Од 1 септември, наставниците кои немаат свој уред за да ја реализираат наставата, ќе ги користат компјутерите што сега се во кабинетите по информатика во училиштата. Планирано е тие да се распределат и наместат во секоја училница, за да може часовите да течат непречено, вели Елизабета Наумовска, заменик-министерка за образование и наука.
Мета.мк побара информации околу новите правила кои ќе важат од новата учебна година, со оглед на фактот дека надлежните рекоа дека на 10 август ќе се знаат сите детали.
Сепак, за многу работи сè уште се дискутира и прецизни одлуки ќе има откако свое мислење ќе даде и Комисијата за заразни болести. Но, без разлика како ќе се одвива наставата – дали само онлајн, само во училница, или комбинирано, и на наставниците и на учениците ќе им бидат потребни компјутери. Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека ќе набават нови уреди, но под посебни услови. Поради досегашното искуство, односно поради тоа што дел од компјутерите доделени од министерството беа препродавани, уредите што сега ќе се купуваат ќе се даваат на реверс и ќе мора да се враќаат на крајот на учебната година.
„Ако за некои наставници недостасуваат уреди односно компјутери, ќе се набават. Со УСБ стик може да се реши проблемот со Интернет, ако некаде нема, а знаеме дека нема посебно во руралните средини, во училишта на некои планински места и слично. Хронично болните ученици настава ќе следат од дома“, вели Наумовска.
Таа вели дека при набавката на нови уреди за социјално загрозените семејства, овојпат ќе бидат повнимателни, бидејќи добила информација дека пред неколку месеци, кога преку донатор биле набавени таблети за децата, истите биле продадени.
„Овојпат тоа што ќе се даде ќе се даде на реверс. Ова е сложена процедура, така што децата не би ги добиле уредите на 1 септември. Повторно треба да изброиме колку такви дечиња има, да се направи проценка колку тоа би чинело. Затоа ги повикувам и општествено одговорните организации да излезат во пресрет околу обезбедувањето Интернет и компјутери“, апелира Наумовска.
Oна за што реакциите се најголеми на социјалните мрежи, е кој ќе се грижи за децата ако часовите се скратени, додека нивните родители се на работа. Надлежните не одлучиле како ова ќе биде решено, но многу е извесно дека ќе продолжи да важи правилото според кое еден родител ќе може да биде ослободен од работа ако детето нема повеќе од 10 години.
Во игра се три опции за наставата од новата учебна година, првата е таа да се одвива со физичко присуство во училница, втората е комбиниран модел – дел со физичко присуство дел онлајн, и третата опција е целосно наставата да се одвива онлајн.