Архивска фотографија од шумски пожар кај Трескавец.

Хеликоптерот на АРМ кој на барање на Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше испратен да го гасне шумскиот пожар над Галичник стигнал на местото, но не може да дејствува поради силниот ветер, извести ЦУК.

Сепак, хеликоптерот е опремен со ведро за гаснење пожари и екипажот е подготвен да полета штом се создадат услови, додека има дневна светлина.

Шумскиот пожар заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото, но истовремено е опасност и за силите ангажирани за гаснење. Пожарот е на непристапен терен и гори борова шума.

ЦУК соопшти и дека денеска ги координира активностите за гаснење на шумскиот пожар што избувнал вчера во 17 часот кај месноста Петлец кај малешевското село Русиново. Поради сувата трева пожарот се шири, но не претставува опасност за селото. На терен дејствуваат ТППЕ – Берово со едно теренско возило и три пожарникари, како и ШС „Малеш“, со три теренски возила и 15 вработени.