Поради пандемијата одложени се премиерите на најочекуваните филмови и серии

Фото: Angellina (CC BY-NC-ND 2.0)

Затворањето на киносалите низ светот ги одложи премиерите на филмовите кои требаше да бидат прикажани периодов и подоцна годинава. Поради рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот откажани се и снимањата и продукциските подготовки на оние филмови кои требаше да излезат в година. Поради тоа, публиката ќе мора да ги биде трпелива до есен, а за некои продолженија од омилените филмови и до 2022 година.

Првиот филм кој официјално беше одложен е новиот филм за Џејмс Бонд, No Time To Die, чија премиера е презакажана за на 12 ноември во Велика Британија и 25 ноември во САД, откако поради коронакризата не можеше да се реализира во првичниот термин во април. Веќе е познато и дека деветтото продолжение на Fast and Furious е одложено за во мај идната година.

И фановите на DC Comics и Marvel ќе почекаат нивните херои да го видат „светлото на денот“. Wonder Woman 1984 е одложен за во август годинава. Вториот дел на Venom, наместо подоцна во октомври, премиерата ќе ја дочека во јуни 2021-ва. Spider-Man 3, пак, е одложен за четири месеци, па наместо во јуни, ќе биде прикажан во ноември догодина. Поместени за подоцна во 2022-та се премиерите на Spider-Man: into the Spider-Verse 2 (за во октомври) и на Thor: Love and Thunder (во февруари), кој требаше да биде прикажан во ноември 2021-ва.

 

Премиерите на двата филма во кои главната улога ја има Кијану Ривс, John Wick 4 и The Matrix 4 беа закажани за ист ден, 21 мај 2021 година. Откако Холивуд беше затворен, продукцијата на John Wick 4 објави дека филмот ќе започне со прикажување во киносалите една година подоцна од предвиденото, односно во мај 2022 година. Во меѓувреме, Варнер Брос го стопираше снимањето на четвртото продолжение на Матрикс и засега нема информации дали паузирањето ќе влијае на датумот на премиерата.

Снимањето на петтото продолжение на Indiana Jones, требаше да почне на пролет идната година, а премиерата беше предвидена за јули 2021. Меѓутоа, Дизни го одложи филмот за цела година, па така истиот ќе излезе во киносалите и театрите во 2022 година.

Покрај филмската, коронавирусот предизвика хаос и во телевизската индустрија.

 

Стриминг платформата Нетфликс одлучи да го прекине производството на речиси сите серии. Снимањето на новата сезона од научно-фантастичната Stranger Things започна во јануари во Литванија, но неколку недели подоцна беше запрено поради пандемијата. Другата серија на Нетфликс која постигна голем успех минатата година, The Witcher, подготовките за втората сезона ги почна во февруари, но истите беа запрени во март, откако се воспостави дека еден од актерите e позитивен на Ковид-19.

Еден од најочекуваните проекти кој требаше да биде прикажан годинава беше обединувањето на актерската екипа од Friends. Првично најавено за во мај, специјалното издание требаше да биде прикажано на новата платформа на HBO. Поради коронавирусот, снимањето на проектот сè уште не е завршено.

Македонската продукција исто така е во застој, а киносалите во темница. Позитивно од целата ситуација е што голем број македонски филмови конечно доживеаја телевизиски премиери. Граѓаните имаа прилика од дома да ги погледнат: „Медена земја“, „Џган“, „Соба со пијано“, „Три дена во септември“, „Година на мајмунот“ итн.