fbpx

Поради несоодветни услови, ученици од Тетово учат во три смени

-

Второто полугодие за дел од учениците од основното и од средното образование во Тетово, почна со одредени тешкотии. Во најголемото основно училиште „Лирија“ во Тетово, наставата се одвива во три смени, поради неможноста да се учи на вториот кат од училиштето, каде минатата година почна да прокиснува покривот.

– Сега часовите траат по половина час. Така ни налага законот, во вонредни околности можеме да учиме со скратени часови и наставата се одвива во просториите од приземниот кат и во подрумот. Се надеваме дека напролет ќе се почне со реконструкција на покривот и состојбата ќе се стабилизира – изјави Шпреса Исеини, директорка на „Лирија“.

Од Општина Тетово велат дека кога ќе дозволат временските услови, ќе се почне со реконструкција на покривот, но и на санитарните чворови, за што се одвоени 25 милиони денари. За овие градежни активности дополнително се предвидени и пари кои беа планирани за прославата на новогодишната ноќ, а која беше откажана.

Тетовските гимназијалци кои учат на македонски наставен јазик, пак, го почнаа второто полугодие во еден од објектите на старото медицинско училиште, кој на крајот од минатата година беше целосно реконструиран.

– Засега сите гимназијалци што следат настава на македонски јазик ќе учат во еден од објектите од старото медицинско училиште во две смени. При крај се градежните активности на вториот објект од стара медицина. Кога ќе биде готов овој објект, сите ученици ќе учат во прва смена, распределени во двата објекти – изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

Тетовските гимназијалци оваа учебна година ја почнаа со многу проблеми. Поради лошите услови во објектот на Работничкиот универзитет, гимназијалците првиот училиштен ден го почнаа со протести и со марш. Држеа часови на плоштад, во зградата на Општина Тетово. На крај се најде решение, наставата да ја продолжат во објектите на старото медицинско училиште, за кои Општина Тетово одвои пари да ги реконструира.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...