Во Солунското пристаниште блокиран извозот на згурата од Топилница поради наводно присуство на силициум диоксид

Извозот на згурата од велешката Топилница се проблематизира од пристаништето во Солун, каде бараат суровината доколку дојде кај нив, да не се истовара, туку од камион веднаш да се пренесе на бродовите за транспорт. Заради тоа троската сè уште чека во Велес, а најавено беше дека компанија од Турција ќе ја носи во Казахстан.

Причината за застојот, велат во компанијата „Кепс Монт Груп“, се лабараториските испитувања на материјалот што покажуваат вредности на силициум диоксид, кои според компанијата, во пристаништето ги читаат на погрешен начин. Од компанијата консултирале и експерти меѓу кои и професорот Трајче Стафилов, кои потврдуваат дека вредностите не се над нормалните и дека згурата е целосно безбедна за транспорт.

Деновиве, велат во „Кепс Монт Груп“ се очекува разврска на случајот, по што очекуваат да се потпише договорот со турскиот партнер заинтересиран да ја купи секундарната суровина богата со цинк, олово и други метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Посочуваат дека затворените граници се голема пречка за брзо решавање на ваков вид спорови, кои практично дополнително се компликуваат преку дописите со мејлови.

„Властите во пристаништето тврдат дека количините на силициум диоксид во троската се над дозволените и дека материјалот е опасен, а ги игнорираат вообичаените начини на пресметка на овие вредности, кои ги потврдија и нашите експерти и кои докажуваат сосема спротивно, дека вредностите не се големи, ниту пак, дека материјалот е небезбеден од било каков аспект. Доказ за тоа се и нашите авионски пратки на примероци суровина, кои досега поминале без никаков проблем. Ние сме целосно во право, имаме потврда од експерти и заради тоа сме оптимисти дека ова целосно ќе се реши во најскоро време“, велат во „Кепс Монт Груп“.

И професорот Трајче Стафилов потврдува дека проблемот со лабораториските вредности е нивното погрешно толкување од страна на пристанишните власти во Солун.

„Направена е хемиска анализа на составот на примерокот од троска од Топилница и во случајот се работи на различно толкување на вредностите на силициумот. Ситуацијата може многу лесно да се надмине, проблемот не е сериозен, во прашање е елементарна работа која може да се расчисти со директен разговор“, посочува Стафилов.

Црниот рид со згура, кој е резултат на работењето на Топилницата на олово и цинк, е децениски проблем на Велес и голема жешка точка со историски отпад во земјава. Чистењето на токсичниот материјал е од голем интерес на јавноста и целиот процес со извоз на згурата како техногена минерална суровина будно се следи и се очекува што побрзо да заврши со позитивен исход. Велес сѐ уште ги диши загадувањата од тешките метали, иако Топилницата со години е затворена. Депонијата е огромна, се протега на околу 33.000 квадратни метри и се проценува дека има околу 1,8 милиони тони отпад. Во него има цинк, олово и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Од тие причини неколку години по ред пропаѓаат обидите за ремедијација на почвата. Со мерењата направени во 2018 година присуството на тешките метали било и до 30 пати над максимално дозволените граници. Концентрациите на олово биле 201,6 милиграми на килограм, што е за 5,9 пати повисока вредност од дозволената, вредностите на кадмиумот биле најалармантни, 7,7 мг/кг, што е за 30,8, пати повеќе, а во почвата имало и зголемени количини на цинк, 230 мг/кг, што е за 2,8 пати повисоко од дозволеното. Од тие причини ремедијацијата ќе продолжи кога згурата целосно ќе се исчисти од Велес.