Во текот на вчерашниот ден шест скијачи, кои со ски-лифт се искачиле на повисоките делови на Попова Шапка, се изгубиле скијајќи надолу поради густата магла, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тие се јавиле на бројот за итни случаи 112 за да пријават дека се изгубиле поради маглата, но и поради тоа што нов снег го отежнал нивното движење надолу по ски-патеката.
Откако воспоставил контакт со надлежните, лице вработено во ски-лифтот првично успеало да пронајде пет од изгубените лица, а потоа успеало да го пронајде и шестото лице.
„Скијачите се јавиле за помош на 112. Од ЦУК веднаш биле известени СВР Тетово и раководителот на РЦУК Тетово. Во меѓувреме, лице вработено на ски-лифт пронашло пет од изгубените лица, а подоцна во 16.15 часот го пронашло и шестото изгубено лице. Сите биле згрижени во полициската станица на Попова Шапка“, информираат од ЦУК.
Скијачите безбедно се вратиле дома.