Фото: Мета.мк / Архива

Пандемијата со ковид-19 предизвика автобуските превозници во земјава лани да забележат историски негативен рекорд во бројот на превезени патници во меѓуградскиот, но и во меѓународниот превоз. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година со меѓуградски автобуски превоз биле превезени 2.794.000 патници, додека со автобуските линии кон странските земји патувале само 141.000 патници.

Негативните бројки од минатата година се само продолжение на агонијата низ која минува автобускиот превоз во земјава во изминатиов период. Во споредба со 2019 година, лани бројот на патници во меѓуградскиот превоз е намален за дури 3 милиони патници, додека во меѓународниот автобуски превоз во 2020 година имало половина милион патници помалку во однос на годината пред тоа.

Податоците се уште полоши доколку се споредат со периодот пред 2013 година, кога меѓуградскиот автобуски превоз превезуваше по 15 милиони патници годишно.

Главните причини за опаѓање на бројот на превезени патници лани е ограничувањето на максималниот капацитет на исполнетост на превозните средства, кои автобуските компании мораа да го следат во оние периоди кога беше дозволен меѓуопштински превоз. Полициските часови што беа на сила минатата пролет, како и привремените забрани за превоз на патници кон и од одредени општини, предизвикаа целосен прекин на линиите за превоз на патници во одредени периоди.

Единствена можност за подобрување на состојбата е зголемувањето на капацитетот за превоз на патници. Владата на вчерашната седница токму на барање на групата општински и меѓуопштински превозници дозволи зголемување на дозволениот број на патници од 50 на 75 отсто од вкупниот капацитет на превозните средства. Владата го прифати ваквото ублажување на рестрикцијата по добиената согласност на Комисијата за заразни болести.

Инаку, „Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше за причините поради кои доаѓа до опаѓање на интересот за користење на автобускиот превоз во земјава. Дотраениот возен парк, недоволната контрола на инспекторите околу нерегуларностите во превозот на патници кај одредени превозници и наголемувачкиот број на диви таксисти доведуваат до тоа граѓаните да избегнуваат користење на автобусите и пораст на патувањата што ги вршат со своите автомобили.