fbpx

Поради ковид-19, јавниот превоз до мај изгубил 11,6 милиони патници и околу 4,5 милиони евра (инфографик)

-

Пандемијата на корона вирусот има големо негативно влијание врз функционирањето на скопскиот јавен превоз и на ЈСП-Скопје. Долгите полициски часови, затворените школи и факултети, работењето од дома на вработени во голем број компани, ограничениот капацитет за превоз на патници во автобусите и стравот на граѓаните да користат јавен превоз за период од околу три месеци предизвикаа загуби на ЈСП-Скопје од околу 4,5 милиони евра.

Утврдените загуби се за периодот до пред десетина дена, а произлегуваат првенствено од намалениот број на патници во јавниот превоз, информираат од ЈСП. Од март до мај 2020 година биле регистрирани 4.393.591 валидации на патниците во електронскиот систем за наплата на билети, додека лани за идентичниот период биле забележани 16.066.407 валидации.

Огромното намалување од дури 11,6 милиони патници за само три месеци е причината поради која од ова јавно претпријатие велат дека годинешните субвенции од Град Скопје од речиси 8,4 милиони евра нема да бидат доволни за покривање на загубите со кои ќе се соочи ЈСП-Скопје поради ковид-19.

– Најголемиот дел од субвенциите се наменски, а дел за покривање на потешкотии во работењето. Ако се има во предвид досегашната утврдена загуба, како и се уште актуелната пандемија која негативно се рефлектира на работењето и на ЈСП-Скопје, извесно е дека средствата нема да бидат доволни за покривање на загубите на претпријатието – велат за „Мета.мк“ од ЈСП-Скопје.

Од јавното сообраќајно претпријатие информираат дека финансиските потешкотии во работењето поради ковид-19 се главна причина поради која новите 25 еколошки автобуси не се пуштаат во редовен сообраќај во Скопје. ЈСП на државата треба да ѝ плати ДДВ за увезените возила во висина од 1,8 милиони евра, но претпријатието во моментов не е во можност да ја обезбеди таа сума првенствено поради загубите што ги претрпе периодов.

– Побаравме од Министерството за финансии да бидеме ослободени од плаќањето на ДДВ за возилата, односно да ни дозволат да се пребиеме со средствата кои ќе треба да ги добиеме по основ поврат на ДДВ, имајќи во предвид дека ЈСП како голем даночен обврзник од платениот данок на државата добива поврат на ДДВ. За жал, барањето ни беше одбиено – посочуваат од ЈСП.

Инаку, според податоците објавени на open.finance.gov.mk од Министерството за финансии, Градот Скопје од јануари до јуни годинава на сметката на ЈСП-Скопје префрлил значаен дел од планираните субвенции што се предвидени за 2020 година, односно досега по сите основи на ЈСП му се префрлени речиси 7 милиони евра. Сепак, овие средства се користат за неопходното тековно работење на претпријатието, а останува прашањето колку средства ќе му бидат дополнително потребни на ЈСП-Скопје доколку продолжи ширењето на ковид-19 и вонредните услови на работа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кражба на сеф во Црниче. Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во...